Полицајка и раководител во Прифатниот центар за странци под истрага за тешка кражба и полово вознемирување

Кривични пријави за тешка кражба и полово вознемирување се поднесени против двајца полициски службеници вработени во Прифатниот центар за странци при Регионалниот центар за гранични работи „Север“.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднел пријави до Специјализираното одделение при Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, надлежно за кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

Според пријавата, првопријавената Б. Д., полицајка во Прифатниот центар, на 28 септември 2026 година, за време на посета на центарот, од мајката на привремено задржана жена одзела еден златен и еден сребрен прстен, како и 3.000 денари. Предметите и парите ги пронашла при преглед на чантата на задржаното лице.

Второпријавениот Б. М., раководител на смена во центарот, се сомничи за полово вознемирување. Според МВР, на 30 септември, при извршување на работните задачи, тој влегол во собата во која била сместена привремено задржаната жена и со вербални и физички постапки, како и преку електронска комуникација, преземал дејствија со сексуална содржина.

Со тоа, според пријавата, го повредил достоинството на жената и ѝ предизвикал чувство на непријатност, навреденост, понижување и страв, искористувајќи ја нејзината подредена положба.

Од МВР информираат дека против двајцата службеници ќе биде поднесен предлог за поведување постапка за утврдување одговорност, како и за нивно отстранување од работните места до завршување на дисциплинската постапка, односно суспензија.

Back to top button
Close