СДСМ: Славески вели „сè е во ред“ со Алта банка а граѓаните не можат да дојдат до своите пари – зошто крие колку Вучиќ префрлил во Македонија?

СДСМ преку соопштение упати критики до гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во врска со состојбата во „Алта банка“, обвинувајќи дека и покрај неговите уверувања дека сè е во ред, граѓаните имаат проблем да дојдат до сопствените средства.

Од партијата наведуваат дека експозитурите не работат, на банкоматите се чека со часови, додека компаниите можат непречено да префрлаат пари. СДСМ бара одговор колкав износ, според нивните тврдења, српскиот претседател Александар Вучиќ префрлил во Македонија преку банката и дали средствата останале во земјава или продолжиле кон Москва.

Од партијата прашуваат и дали функционери на власта имаат сметки во „Алта банка“, како и зошто не се објавуваат податоците за обемот на трансферите. Притоа се повикуваат на приведувања во Србија на лица поврзани со банката, против кои, според соопштението, биле поднесени кривични пријави.

СДСМ го обвинува Славески дека мерките не ги штитат доволно штедните влогови и средствата на граѓаните, особено на пензионерите кои имаат сметки во банката, и бара Обвинителството да реагира.

Од партијата сметаат дека јавноста мора да добие одговори за состојбата во банката, достапноста на депозитите и трансакциите што се предмет на нивните обвинувања

 

Back to top button
Close