Железници со 9 функционални локомотиви од вкупно 62 и акумулирана загуба од 109 милиони еврa
Многу слабости во управувањето со средствата и ресурсите на Железници Транспорт АД Скопје откри Државниот завод за ревизија во проверката на работењето на претпријатието за 20245 година.

Со ревизијата на ЖРСМ Транспорт АД Скопје за 2024 година се утврдени слабости во управувањето со средствата и ресурсите на друштвото, меѓу другото во однос на возниот парк, имотот, залихите, трошоците и приходите.
„Од 62 локомотиви со кои располага друштвото, во функција се само 9, додека загубата за 2024 година изнесува 331,8 милиони денари, а заедно со пренесените загуби од претходните години достигнува 6,75 милијарди денари“, објавија ревизорите.
Со извршената ревизија утврдени се состојби кои влијаат на работењето на друштвото и начинот на користење на јавните средства. Утврдена е состојба која се однесува на материјалните средства во подготовка кои во износ од 118.016 илјади денари или 1.913.000 евра се однесуваат на завршена градба од прва категорија “Реконструкција и адаптација на работилници за одржување на железнички возила” .
И покрај обезбедени сите потребни документи (дозволи за градба и одобрение за употреба) од надлежниот орган и повеќегодишно користење на работилниците за извршување на редовните работни процеси, во трговските книги на друштвото не е евидентирана како недвижност и за истата не е пресметан и признаен трошок за амортизација во претходниот период во износ од 11.407 илјади денари и во тековната 2024 година во износ од 2.950 илјади денари, што влијание на финансискиот резултат на друштвото.
Реконструкцијата е составен дел на “Проектот за обнова на возен парк на Македонски Железници АД Скопје” , финансиран од кредитот од ЕБОР, преку кој набавени се нови триделни дизел –моторни гарнитури и триделни електро моторни гарнитури за патнички сообраќај, 150 нови вагони (75 плато и 75 отворени).
Исто така, обезбедени се и средства за рехабилитација на електрични локомотиви.
„Но, и покрај набавката, стручните лица во друштвото укажуваат на застарен возен парк, со старост поголема од 40 години , наведувајќи дека од 1.382 товарни вагони само 378 се со важечка ревизија (способни за сообраќај), а со истечена ревизија (надвор од сообраќај ) се 1.004 товарни вагони.Друштвото располага со 62 локомотиви од кои во функција се само 9, како и 16 патнички гарнитури од кои во функција се 5 и 47 патнички вагони од кои 2 се во редовен сообраќај и се користат за извршување на превоз на патници. За извршување на планираниот обем на работа и возниот ред потребно е друштвото да располага со исправни влечни и влечени капацитети, чија состојбата е на граница на техничко-технолошка експлоатациона моќност“, стои во извештајот.
Причините за тековната состојба на влечните капацитети се должат на старосната структура на капацитетите и ненавремените инвестиции во средни и големи поправки поради недоволните финансиски средства, нередовните инвестиции во резервни делови и обнова на возниот парк.
Старосната структура на влечните капацитети го оптоварува експлоатациониот процес, ја зголемува потрошувачката на енергенсите и ги зголемува празните возења на истите.
Со извршениот увид во трговските книги, утврдено е дека за евидентираните стопански згради и сообраќајни објекти друштвото не поседува имотни листови со кои ќе се докаже запишаното право на сопственост и не е направено поврзување на обезбедените имотни листови со евидентираните средства. Постојат неправилности и во начинот на управување и евидентирање на дел од залихите на суровини, материјали.
Имајќи во предвид дека 71% од залихите или 342.345 илјади денари односно 5.548.000 евра се постари од 2019 година, констатирано е дека на крајот на пресметковниот период, не е направено нивно вредносно усогласување.
Во делот на управувањето со нафтените деривати, ревизијата утврди несоодветно, недомаќинско и небезбедно ракување при прием и издавање на нафта кое може да ја загрози безбедноста и здравјето на граѓаните и животната средина .
Опремата за мерење е застарена и импровизирана и лесна за манипулација, поради што не ја прикажува реалната состојба на нафтените деривати во секој момент. Исто така и полнењето на возила со гориво се врши со пумпи, чии мерила подолг временски период не се верификувани/ баждарени.
Друштвото наместо навремено подмирување на доспеаните обврски, воспоставило пракса за поднесување приговори на решенијата за платни налози, што резултирало со пролонгирање на судските постапки и значително зголемување на обврските по основна главен долг, камати и судски трошоци.
Ревизијата утврди и недоволна контрола врз потрошувачката на вода. Преку фактурите за потрошена вода кои во 2024 година изнесуваат вкупно 5.471 илјади денари или околу 90.000 евра, утврдена е прекумерна потрошувачка на вода која не е соодветна за административни и услужни дејности, каде водата не претставува составен дел од производниот процес.
Ова покажува дека друштвото не воспоставило соодветен систем за навремено следење и контрола на потрошувачката на вода, што резултирало со значителни расходи. Исто така утврдени се и помалку искажани приходи по основ на извршени услуги за употреба на локомотиви, како и вршење на услуги без јасно утврдени и важечки договорни односи, како и без воспоставување и редовно ажурирање на ценовна политика која ги одразува пазарните услови и трошоците на работењето.
ЖРСМ Транспорт АД Скопје континуирано искажува загуби од работењето при што за 2024 година загубата изнесува 331.796 илјади денари или нешто над 5 милиони евр, што споредено од претходната година (2023 година) бележи намалување за 427.567 илјади денари или 7 милиони евра, но заедно со пренесена загуба од претходни години (6.442.424 илјади денари) достигнува вкупен износ од 6.754.219 илјади денари односно 109.115.000 евра. Континуираните загуби во работењето негативно влијаат врз тековното и идно работење на друштвото, неговиот развој и го доведуваат во прашање ефикасното, безбедното и навременото одвивање на железничкиот сообраќај.
За надминување на утврдените состојби овластениот државен ревизор даде препораки со чија имплементација се очекува да се надминат причините за утврдените состојби. Од страна на генералниот директор на ЖРСМ Транспорт АД – Скопје на ден 02.11.2026 година доставена е „Информација во врска со Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија и преземените активности“ со која одговорното лице известува за преземените досегашни активности за постапување по дадените препораки и истата претставува составен дел од обја составен дел од објавата на Конечниот ревизорски извештај.






