УГД: Целосно ќе соработуваме со МВР и обвинителството во истрагата за злоупотреба на електронскиот систем за оценки
Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип соопшти дека целосно ќе соработува со Министерството за внатрешни работи и надлежното обвинителство во истрагата за сомнежите за злоупотреба на електронскиот систем за оценки од страна на вработено лице на Универзитетот. Од Ректоратот велат дека имаат нулта толеранција за корупција и злоупотреби во академската заедница и дека очекуваат случајот да биде целосно расчистен. Во соопштението, УГД уверува дека наставниот процес и академските обврски продолжуваат непречено.

Во врска со денешните полициски дејствија и истрагата поврзана со сомнежи за злоупотреба на електронскиот систем за оценки од страна на вработено лице на Универзитетот, Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип ја информира јавноста дека УГД овозможува целосна, неограничена соработка со МВР и надлежното обвинителство за брзо и целосно расчистување на случајот.
УГД има нулта толеранција за корупцијата и злоупотребата во академската заедница и сметаме дека ваквите и слични случаи се во насока да се обезбеди подобро, поквалитетно и пообјективно студирање.
Сакаме да ја увериме академската заедница, пред сè нашите студенти, наставниот и административниот кадар, како и пошироката јавност, дека УГД останува посветен на темелните академски вредности, на чесност и вистинитост, и останува проактивен во насока на сузбивање на девијантните појави.
Нашите студенти и нивното образование остануваат во центарот на сите наши активности. Наставниот процес, академските обврски, научноистражувачката работа и меѓународната соработка со низа реномирани европски универзитети продолжуваат да бидат наш приоритет.
Како јавна високообразовна институција ја уверуваме јавноста дека остануваме посветени на транспарентноста, отвореноста и институционалниот интегритет.
УГД нема да дозволи каков било сомнеж да ги наруши трудот и вредноста на дипломите на илјадниците чесни студенти и вработени.
УГД има нулта толеранција за каков било облик на корупција или злоупотреба на службената положба. Институционалниот интегритет и довербата на нашите студенти се пред сè.






