Додик падна на колена!

Додик, силен поддржувач на Вучиќ, постојано ги омаловажуваше студентите, но по нивниот триумф им испрати честитка со додворувачка содржина. А тие одговорија – „погрешна адреса“!

Мерсел Биљали

Бидејќи Вучиќ не можеше да се кандидира за трет претседателски мандат, тој се обиде да остане на власт според моделот на Путин: ќе ја напушти претседателската палата и ќе ја преземе функцијата премиер, задржувајќи ги сите свои овластувања. На овој начин, тој претпоставувал дека ќе обезбеди политички опстанок. Во септември, тој поднесе оставка од функцијата претседател, беа распишани предвремени парламентарни избори и планот беше подготвен за спроведување. Некој што гледа од страна можеби нема да може да ги сфати размерите на она што се случило во Србија. Тоа беше вистинска борба меѓу Давид и Голијат. Србија сега е во тотален шок. По загубата на изборите, навидум ептен силната власта се сруши како кула од карти, а нова власт нема да има до Нова Година. Бура на оставки, свртувања, лигавења, оправдувања дека тоа што свесно го правеле не била со нивна воља. Признаваат дека го фалат Бога, но го следеа ѓаволот. Тоа ти била туѓа невоља. Знаат дека при балкански плафон лесно се завршува на патос. Тука штом ги губите изборите – автоматски губите сè. И себе! Авторитарните режими функционират персонално, и штом паѓа првиот човек, целиот систем се руши како кула од карти. Потоа превртувања, сервилизам, оправдувања, обвинувања…! Чист абортус на природата!

Меѓу првите жртви на „револцијата“ е пирамидалната „Алта банка“, која веќе ја загуби лиценцата за работа во Србија. Ама за чудо не и кај нас! До ползачите и нормалноста доаѓа со ползење. Вчера се објави веста дека сопственикот на банката АЛТА, Давор Мацура, исто така бил уапсен. Во Србија по изборните резултати бројни медиуми како да добија своевиден „инфаркт“ (морален, материјален, социјален). Бројни големи пирамиди завршуваат како обични гробници. Полиција, обвинителство, судство, администрација, медиуми – се во голем колапс!

Изгледа „Алта банка“ е приказна за себе. Со Вучиќ мед и млеко од неа, ама без него – гола вода! Обвинителството за организиран криминал прифати кривична пријава поднесена од Народната банка на Србија против одговорните лица во таа банка, а вицегувернерите се колнат дека не биле запознаени со ситуацијата во банката! Сопственикот Давор Мацура, во пресрет на предвремените парламентарни избори, поднесе тужби против медиумите што изнесоа „лажни обвинувања“ дека на банката не ѝ се пишува добро. Но, веднаш по изборите самата банка истакна бело знамце. Американски конгресмени (координирани од Џо Вилсон) побара од Марко Рубио да воведе санкции против сопственикот на банката Давор Мацура. А кај нас за чудо сè е „нормално“ со таа банка, иако вратите на банката се затворени!

Одлуката на Народната банка на Србија (НБС) да ја одземе дозволата за работа и да покрене постапка за стечај во „Алта банка“ предизвика шок во Србија. Иако примарната загриженост беше насочена кон штедачите и должниците на банката, ненадејниот колапс на банката поставува многу прашања поврзани со финансискиот пазар. Домашната јавност со право се прашува што сега ќе се случи со бизнис империјата што се протега од банкарство, преку малопродажба, до гигантски градежни проекти и илјадници вработени во овие погодени системи. „Што правела Народната банка на Србија во изминатите години“ праша Верољуб Дугалиќ, поранешен генерален секретар на Здружението на банки на Србија!

За потсетување, според официјалното соопштение од НБС, одлуката за одземање на лиценцата е донесена за да се заштитат средствата на штедачите откако инспекцијата утврди критично влошување на ликвидноста на банката. „Наш портал“, заедно со јавно достапните финансиски извештаи и извештаите на црногорските медиуми, го поставува прашањето дали меѓу купувачите на луксузните имоти се наоѓаат луѓе поврзани со политичките структури во Србија, како и улогата на „Алта банка“ во финансирањето на компанијата „Луштица девелопмент“. Трагата води до „Алта банка“. Имено луксузниот комплекс „Луштички Залив“ во близина на Тиват, со својата марина, ексклузивни апартмани и вили, долго време е многу повеќе од обичен туристички проект. Зад убавите разгледници од црногорскиот брег лежи сложен систем на државно земјиште, приватни инвестиции, меѓународни купувачи и банкарски аранжмани.

Според документите од Владата на Црна Гора и истражувањето на подгоричкиот весник „Вијести“, во 2026 година „Луштица девелопмент“ побарала одобрение за користење на пристаништето и крајбрежната променада како залог за кредит од 15 милиони евра од „Алта банка“ во Белград. Планираниот кредит имал фиксна каматна стапка од 8,5 проценти, рок на отплата од пет години и грејс период од 12 месеци. Владата на Црна Гора го дала своето одобрение на 29 јуни, но на 28 јули го поништила својот претходен заклучок. Според весник „Вијести“, хипотеката не била регистрирана, а компанијата изјавила дека во тоа време немала активни кредитни аранжмани со „Алта банка“. Така, обидот за воспоставување банкарски аранжман е документиран, но тој конкретен кредит не бил реализиран. Сепак, останува прашањето зошто компанијата сакала аранжман со „Алта банка“ и каква била природата на таквата пожелна финансиска соработка.

Интересно што во „Луштица девелопмент“, Милош Поповиќ, поранешен шеф на кабинетот на Ана Брнабиќ, е меѓу луѓето поврзани со купувањето недвижности во комплексот. Истиот извор наведува дека вредноста на трансакцијата била приближно 950.000 евра и дека плаќањето е извршено преку компанија регистрирана во Дубаи, наводно поврзана со семејството на купувачот.

Безаконие и криминал до гуша!

Победата на студентите, веројатно ќе предизвика широки институционални и политички потреси насочени кон борба против корупцијата, владеење на правото и подобри јавни услуги. Сепак, бирократскиот отпор кон промените, би можеле да ја направат транзицијата предизвикувачка. Моментално сервилизмот кон студентите е во прогресија. Пред некој ден уапсен е важен човек на Вучиќ, шефот на криминалистичката полиција Маркo Кричaк (еден од најмоќните луѓе во српската полиција) под обвинение за незаконско дејствување во случај на едно убиство. Штом тој „запее“, тоа ќе создаде голема жалопојка за бројни досегашни српски функционери.

Бандите брзаат да ги прикријат своите траги. Ги префрлуваат компаниите под други имиња. Криминалците беснеат низ Белград, Ниш, Аранѓеловац, Смедерево. Особено се активни Кавачкиот, Врачарскиот и Црногосрскиот клан. „Мирниот и законски премин на власта не е прашање на индивидуална добра волја, туку обврска кон граѓаните“, рече студентот Филип Убовиќ пред Студентскиот список во паркот Пионирски, во центарот на Белград, каде што до неодамна имаше шаторски камп на провладини поддржувачи.

Нападите нарачени од српското подземје против идниот премиер на Србија Дејан Шошкиќ се ептен ниски. Наводно, за да ја задоволи Европа, тој ќе ги менувал и црковните празници за да го оцрни православието – обвинуваат кругови од РПЦ и Српската православна црква!? Се рабпти за попови кои повеќе веруваат на овдешни лажни богови, отколку на вистинскиот Бог. „Ги молиме сите други службеници на БИА веднаш да престанат со активностите насочени кон дискредитирање на политичките неистомисленици и да се вратат исклучиво на дејствување во согласност со законот“, рече Светлана Станаревиќ, професорка на Факултетот за безбедносни студии на Универзитетот во Белград. Аналитичарот Драган Поповиќ вели – „немаме институции, треба да ги изградиме од почеток“. Јавна тајна е дека во Србија бројни полициски функционери се стекна со огромно богатство прикривајќи убивства. Висок рекет имаат направено и одделни уредници од провладини медиуми, прикривајќи информации и штитејќи големи владини криминалци. Тие дури се шегувале дека ако физичката работа води до богатство, тогаш магарињата би имале златни седла.

Одделни таблоиди јавно со име и презиме известуваат за невидена корупција и богатсто за фунционерите во заминување. Се спомнуваат имиња на владини и полициски функционери кои имаат по 50-тина станови и бројни вили. Тука се спомнуваат и имиња од БИА. Изгледа до самиот врз е и Милорад Додик, кој сега се сервилно се оправдува пред студентите на кои им забранил собир во Република Српска. Дури им пратиле честитки за победата, ама тие му возвратија – „погрешна адреса“!

 

 

 

 

Back to top button
Close