Мрежата за заштита од дискриминација: Како учениците да ја препознаат дискриминацијата ако државата ја избрише од образованието?

Како очекуваме децата да ја препознаат дискриминацијата ако училиштето избегнува да зборува за основите по кои таа се случува? Како ученик кој е изложен на хомофобично вознемирување ќе разбере дека тоа е недозволиво однесување ако образовниот систем го премолчува проблемот? Дискриминацијата не е апстрактен правен поим. Таа се случува во училишните ходници, во врсничките групи, на социјалните мрежи и во секојдневните односи. Се манифестира преку навреди, исклучување, понижување, закани и насилство. Некои деца се изложени на такво однесување поради својот пол, род, родово изразување, претпоставена сексуална ориентација, попреченост, етничка припадност или семејни околности. Токму затоа училиштето мора да биде место каде што сите ученици учат дека различностите не се оправдување за нееднакво постапување, ниту оправданост за дискриминација и насилство.
Кога од наставните програми се отстрануваат поимите што ги опишуваат дискриминацијата и нејзините причини, се ризикува создавање образовна средина во која одредени искуства на учениците остануваат непрепознаени и непријавени. Особено загрижува фактот што Законот за спречување и заштита од дискриминација изречно ги препознава полот, родот, сексуалната ориентација и родовиот идентитет како заштитени основи. Со други зборови, државата со закон признава дека граѓаните можат да бидат дискриминирани по овие основи, а истовремено преку измените на наставната програма се избегнува дел од терминологијата неопходна за нивно разбирање.
Зошто поимите што се препознаени во законодавството како основи за заштита од дискриминација стануваат непожелни во училницата? Оваа противречност бара јавно и стручно образложение од надлежните институции. Потсетуваме дека законската забрана за дискриминација не се исцрпува со постоењето механизми за поднесување претставки или поведување судски постапки. Државните органи имаат одговорност да создаваат услови за еднакво остварување на правата, вклучително и во образованието. Превенцијата започнува многу порано од моментот кога некое дете ќе стане жртва на дискриминација. Таа започнува со образованието, со препознавањето на предрасудите и со учењето дека секој човек има еднакво достоинство. Затоа, секоја измена што го ограничува просторот за учење за дискриминацијата мора да биде предмет на сериозна проценка на нејзините можни последици врз различни групи ученици.
Еднакво образование не значи сите деца да добиваат исти информации, додека проблемите на дел од нив се премолчуваат. Еднакво образование значи секое дете да биде препознаено, заштитено и поддржано, без оглед на неговите лични карактеристики. Дополнителна загриженост предизвикува и начинот на кој е ревидирана програмата, по јавните оспорувања од антидемократски движења и религиозни групи,  дел од чии претставници веќе имаат одлуки од национални независни тела за сторена дискриминација според Законот за превенција и заштита од дискриминација.  Независно од причините што ги наведува Министерството, институциите мора да покажат дека измените не создаваат ризик од дискриминација и дека правата на сите ученици се еднакво земени предвид.
Поради тоа, Мрежата за заштита од дискриминација бара од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во рамките на своите законски надлежности, да ги разгледа измените на наставната програма и да процени дали тие создаваат ризик од дискриминаторски ефекти или од недоволна заштита на одредени групи ученици.
Истовремено, бараме Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието да ја објават целосната документација за ревизијата, да спроведат проценка на влијанието на измените врз еднаквоста и недискриминацијата и да ги преиспитаат сите промени што можат да ја ослабат превенцијата од дискриминација и вознемирување во училиштата.
Особено е важно во оваа проценка да бидат вклучени стручни лица за човекови права и недискриминација, како и организации што непосредно работат со деца и млади изложени на дискриминација.
Образованието мора да им помогне на децата да ја препознаат неправдата, а не да ги учи да молчат за неа. Ниту едно дете не смее да биде оставено без знаење, поддршка и заштита затоа што неговото постоење или искуство не се вклопува во нечии верски или идеолошки убедувања. Дискриминацијата не исчезнува кога ќе престанеме да ја именуваме. Таа станува потешка за препознавање, пријавување и спречување.

Back to top button
Close