Тројца администратори го преземаат управувањето со Алта банка, за 21 ден треба да ја утврдат состојбата

Администраторите имаат рок од 21 ден да ја утврдат комплетната состојба и да достават детален извештај до Извршниот одбор на Народната банка, а во меѓувреме ќе ја контролираат и одобруваат секоја исплата на оперативните и административните трошоци

Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска се именувани за администратори на Алта банка АД Битола. Тие ги преземаат надлежностите на Управниот и Надзорниот одбор, како и на Собранието на акционери, со исклучок на одлучувањето за зголемување на капиталот. Андовски е посебно овластен да ги потпишува одлуките во периодот на администрацијата.

Одлуката за именуваните администратори вчера е одбјавена во „Службен весник“ каде е наведено дека членовите на Надзорниот одбор и Управниот одбор, како и другите лица со посебни права и одговорности во Банката, се должни на администраторите да им овозможат пристап до целокупната документација на Банката и да им ги достават сите потребни информации и дополнителни извештаи за работењето на Банката.

Администраторите, се вели во објавата на „Службен весник“ при извршувањето на надлежностите утврдени согласно Законот за банките и ова решение, имаат пристап и контрола над деловните простории, имотот, трговските книги и целокупната документација на Алта банка АД Битола и се должни да преземат активности за заштита на имотот и документацијата на банката.

„Доколку администраторите на кој било начин бидат спречени да влезат во деловните простории на Алта банка АД Битола, пристапот ќе се обезбеди со помош на Министерството за внатрешни работи. Администраторите имаат право да го отстранат се-кое лице кое ја попречува нивната работа, а кога е потребно, можат да побараат помош и од Министерството за внатрешни работи“,се додава во објавата.

Претходно во неделата Народната банка донесе решение за воведување привремена администрација во времетраење од три месеци во „Алта банка“ АД Битола, а одлуката е донесена поради околности што можат сериозно да ја загрозат солвентноста на банката и нејзината способност навремено да ги покрива преземените финансиски обврски.

Администраторите имаат рок од 21 ден да ја утврдат комплетната состојба и да достават детален извештај до Извршниот одбор на Народната банка, а во меѓувреме ќе ја контролираат и одобруваат секоја исплата на оперативните и административните трошоци.

Во периодот на администрацијата се воведени ограничувања на одливот на средства. За физичките лица е определен неделен лимит од 10 000 денари за готовински подигања и плаќања со картички издадени од банката кај трговци. Внатрешните плаќања од сметките на физичките лица кон други сметки во банката остануваат овозможени без ограничување на износот.

За правни лица овозможени се неограничени внатрешни плаќања кон други сметки во банката, но целосно се запрени префрлањата на средства надвор од банката преку националните платни системи, како и подигнувањето готовина од банкоматитеили шалтерите.

Приливите од странство преку СЕПА ќе се одвиваат непречено, додека сите одливни плаќања кон странство привремено нема да бидат достапни за сите клиенти.

Од Народната банка посочија дека штедните влогови на граѓаните се законски осигурени преку Фондот за осигурување депозити до износ од 30 000 евра, додека кредитокорисниците имаат обврска редовно да продолжат со отплата на своите рати.

Привремената администрација ќе трае три месеци, а Народната банка најавува дека континуирано ќе ја следи состојбата и ќе ги преиспитува ограничувањата во зависност од развојот на настаните.

Гувернерот Трајко Славески потврди дека веќе е формиран тим од седум вработени кои го следат работењето на банката. Според него, сопственикот од Белград е известен да ги стави акциите на продажба, а доколку тоа не го стори, Народната банка ќе ги понуди на аукција, оценувајќи дека има заинтересирани купувачи.

Од Народната банка ги повикуваат граѓаните и клиентите да се информираат преку официјалните извори и да не носат одлуки врз основа на непроверени информации, посочувајќи дека непотребното и масовно повлекување средства не е во интерес на штедачите.

Back to top button
Close