Професорот Калајџиев дал правно мислење во корист на Ѓоко Ристов, за Обвинителството тоа не е доказ

Правно мислење на универзитетскиот професор Гордан Калајџиев е дел од материјалните докази кои денеска ги изведе одбраната на судијата Ѓоко Ристов кој е обвинет за две кривични дела откако во куќата на неговите родители беа најдени 350 илјади евра заѕидани во ѕид.

Откако не дојдоа двајцата вештаци што ги предложи одбраната, едниот кој бил ангажиран за ДНК-анализа на парите, а другиот затоа што сè уште не било готово економското вештачење, судот не дозволи да се изгуби закажаното рочиште, па адвокатот на Ристов изведуваше материјални докази.

Меѓу нив беа графолошките вештачења, но најбитните материјални докази што ги најавуваше одбраната со кои ќе ја побиваше најдената ДНК на Ристов на заѕиданите пари и економското вештачење, ќе се презентираат на следното рочиште.

Најмногу внимание предизвика правното мислење на професорот Калајџиев кое одело на линија со одбраната, па делото „Противправно стекнување и прикривање имот“, едно од кривичните дела за кое е обвинет Ристов, не можело да им се става на товар на судии.

Аргументот на одбраната е дека судија не може да биде опфатен со законското битие на ова кривично дело, бидејќи одредбата се однесува на службено или овластено лице во јавна установа, јавно претпријатие или правно лице со државен капитал, а судиите не спаѓаат во ниту една од овие категории.

– Тоа е правно мислење за правната квалификација на делото. Одбраната тврди дека судија не може да биде опфатен со законското битие на ова кривично дело, бидејќи тоа се однесува на службено и овластено лице во јавна установа, јавно претпријатие или правно лице со државен капитал, а ништо од тоа не е судија – изјави адвокатот на Ристов, Звонко Давидовиќ.

Обвинителката Искра Хаџи – Василева која на изборите за обвинител доби најмногу гласови и ќе застане на чело на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, сепак остана да го води овој случај и ова правно мислење го толкува како симнување на нивото на правната култура кај нас.

– Правни мислења, јазични толкувања што ги даваат професори под плаштот на некаков академски авторитет, модерно стана да се даваат на некои судења. Но, во суштина, тоа го симнува нивото на правната култура кај нас. Земено правно и професионално, тие немаат никаква тежина и значење. Судот го обврзуваат фактите и доказите изведени на рочиштето. Правните мислења дадени под нечиј авторитет навистина не го обврзуваат судот и навистина е несериозно да се користи овој тип на докази, кои во суштина не се докази – изјави обвинителката.

…

Повеќе

Back to top button
Close