Родителите на загинатите во „Пулс“: Ако институциите навреме го затвореле објектот, немаше да работи на 16 март 2025 година

Родителите на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани остро реагираа на барањето на адвокатот Петре Шилегов Јавното обвинителство повторно да го преиспита случајот. Тие сметаат дека не може да се прави споредба меѓу долгогодишното незаконско работење на дискотеката и други случаи кои имаат различна правна основа и одговорност.

Во својата реакција родителите нагласуваат дека им е јасно зошто обвинетите се на обвинителната клупа и дека одговорноста за трагедијата не може да се разгледува без да се земе предвид постапувањето на институциите кои биле задолжени да ја контролираат безбедноста на објектот.

Родителите потсетуваат дека дискотеката, според нивните тврдења, незаконски работела цели 13 години, период во кој надлежните органи имале обврска да вршат контроли и да обезбедат почитување на законските прописи.

Тие јавно прашуваат кој бил задолжен да ги проверува безбедносните планови, елаборатите, минимално-техничките услови и лиценците за работа на објектот. Притоа, ги посочуваат Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат и другите надлежни контролни органи.

Според родителите, токму незаконското постапување и непостапувањето што, согласно обвинението, им се ставаат на товар на обвинетите, придонеле за загрозување на човечките животи и за катастрофалните последици од пожарот.

Во реакцијата се осврнуваат и на денешното судско рочиште, на кое се сослушува вештакот на „Венци Проект“. Родителите отвораат дополнителни прашања во врска со проектната документација, за која, како што наведуваат, во судницата било посочено дека е изработена пред реконструкцијата на дискотеката.

Тие бараат да се утврди кој ја проверил и одобрил документацијата, дали биле испочитувани сите законски процедури и како било дозволено нејзиното користење при функционирањето на објектот.

Нагласуваат дека постоењето на проектна документација не смее да претставува оправдување за евентуалните незаконитости, ниту да ја намали одговорноста за институционалните пропусти што се предмет на судската постапка.

Родителите уште еднаш потсетуваат дека навременото постапување на надлежните институции можело да спречи дискотеката да продолжи со работа доколку не ги исполнувала законските услови.

„Ако надлежните навреме постапеле и го затвореле објектот, „Пулс“ немало да работи на 16 март 2025 година! А цената за тие пропусти ја плативме ние, родителите, со најсветото што го имавме – нашите деца“, порачуваат родителите на загинатите.

Back to top button
Close