360-7-8% зголемување на цената на струјата во четвртиот блок за домаќинставата и околу 20% намалување за малите потрошувачи

Нема да има поголеми промени во сметките за струја кај домаќинствата од Нова година, освен за оние што трошат повеќе и влегуваат во четвртиот тарифен блок, за каде се очекува зголемување на цената од 7-8 насто. Затоа, пак, поголеми промени од први јануари се најавуваат во другиот сегмент на регулираниот пазар на кој со електрична енергија се снабдуваат т.н. мали потрошувачи (правни субјекти што вработуваат до 50 луѓе и имаат приходи до два милиона евра годишно), каде се очекува намалување на цената во просек од околу 20 отсто.

Ова, според сознанијата на „360 степени“, е насоката во која се очекува да се движи одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за цената на струјата на регулираниот пазар за периодот од 1 јануари до 30 јуни следната година, откако Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) на тендерот на „ЕВН хоум“ понудија цена од 56 евра за мегават-час што е за околу 16 отсто повисока од актуелната (изнесува 48 евра за мегават-час и важи за периодот од 1 јули до 31 декември оваа година).

Се балансира односот струја-пренос

По реакциите дека цената за пренос и дистрибуција, која изнесува 3,37 денари за киловат-час, е несразмерно висока кога ќе се спореди со цената само за електрична енергија (на пример, во ниска тарифа за домаќинставата таа изнесува 0,62 денари за киловат-час), со новата одлука на РКЕ се очекува балансирање на тој сооднос. Најавите се дека ќе се намали цената за пренос и дистрибуција, а ќе се зголеми цената само за електрична енергија, на начин што, на крајот, вкупната цена (пренос плус струја) по блокови ќе изнесува:

БЛОК 1 (до 210 киловат-часа) – ќе остане иста или ќе се намали до 1% (сега е 7,71 ден./киловат-час);

БЛОК 2 (211-630 киловат-часа) – ќе остане иста или ќе се намали до 1% (сега е 8,07 ден./киловат-час);

БЛОК 3 (631-1 050 киловат-часа) – ќе остане иста или ќе се зголеми до 1% (сега е 8,65 ден./киловат-час);

БЛОК 4 (од 1 051 киловат-час) – ќе се зголеми за 7-8% (сега е 17,47 ден./киловат-час);

НИСКА ТАРИФА – понеделник-сабота од 22 до 7 часот и цел ден недела – ќе остане иста (сега е 3,99 ден./киловат-час).

Ова е на линија на вчерашната изјава на директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој рече дека е можно да има одредено намалување кај првиот и вториот блок.

Back to top button
Close