Таравари за „Таргет-Тврдина“: Државата капитулира пред криминалот,најдобар доказ е со случајот на Мијалков
Вака в.д. претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, ја коментира одлуката на Апелацискиот суд Скопје кој ја укина првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“, со која поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, беше осуден на 12 години затворска казна и го врати предметот на повторно судење.
Таравари смета дека институциите на чело со претседателот на државата дезертирале од борбата против корупцијата и јавно кажуваат дека нема капацитет за ветинг.
Единствената надеж, според него, е дека Соединетите Американски Држави ќе започнат шок-терапија почнувајќи од, како што рече, воведувањето на американската црна листа за отстранување од сцената на корумпираните актери од политиката и правосудниот систем.
„Покрај корумпираните политичари, мора да се исчисти и правосудниот систем од чумата на корупцијата. Дополнително, итно е потребна целосна реформа на правосудниот систем. Ова го вклучува законот за проверка на судиите и обвинителите, формирањето на специјални судови против корупцијата и организираниот криминал (интегрирање на првата и втората инстанца во институционален чадор), создавање на советот за судски назначувања и високиот инспекторат за правда, одговорен. Во овие институции мора да има меѓународни комесари“,рече в.д. лидерот на АА.
Тој ѝ се обрати на американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер и ѝ порача дека граѓаните во земјата гледаат на американската амбасада како единствена надеж за промена на, како што рече, „катастрофалната состојба во која оваа влада го доведе нашиот правосуден систем“.
Дополнително, тој ја понуди својата партија, Алијанса за Албанците, како партнер целосно посветен на оваа кауза.