Аврамовски од „Сите за правично судење“:Веројатно е „Таргет-Тврдина“ да застари

Аврамоски ова го кажа во изјава за медиумите во рамките на денешната завршна конференција за презентација на годишните извештаи од мониторингот на Коалицијата „Сите за правично судење“ на работата на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители и од мониторингот на судските постапки во судовите во државата.
Инаку, овој предмет во извештаите на Коалицијата „Сите за правично судење“ е наведен како незавршен бидејќи, како што напомена Аврамовски, одлуката на Апелацискиот суд дошла по завршувањето на процесот на мониторинг на невладината.
„Како што беше завршен процесот на мониторинг, се случи да имаме одлука од Апелацискиот суд во однос на овој предмет. Предметот беше издвоен како таков поради неговото невообичаено долго траење во постапката во втор степен, односно речиси две години беше овој предмет пред Апелацискиот суд и оттаму сметавме дека е важно да се истакне како таков предмет, да се прикаже динамиката на одвивање на истиот затоа што еве особено сега со ваквата пресуда на Апелацискиот суд и враќањето на предметот можеме да очекуваме дека повторно ќе имаме една многу долга постапка бидејќи има ризик од настапување на застареност и за истиот е многу веројатно таа да настапи“,рече Аврамовски.
Застарување на делата за масовното прислушување опфатени во предметот „Таргет-Тврдина“ би требало да настапи за во 2025 година.
Со оглед на должината на судските постапки, со враќањето на предметот на повторно судење, со одлуката на Апелација, патот тоа да се случи е отворен, имајќи ја предвид должината на судските постапки.
Имено, првиот судски процес за „Таргет-Тврдина“ започна во декември 2017 година, а пресуда беше донесена во февруари 2021 година. Апелација одлучи да ја укине во декември 2022 година. Ова значи дека од првото судско рочиште во Кривичен, до неправосилната пресуда, а потоа и до одлуката на Апелација беа потребни пет години.
За да не дојде до застарување, сега целата постапка и пред првостепениот и пред второстепениот суд ќе треба да заврши за помалку од три години, секако доколку и во второто одлучување Апелација не реши повторно да ја укине пресудата.
Откако во петокот објавија само кратка информација, а и по бурата реакции во јавноста, од Апелација денеска излегоа со соопштение во кое објаснуваат зошто решиле да ја укинат пресудата.