Скопје под силно полициско обезбедување заради диџеј Дејвид Гета: МВР нема точен список на затворени улици

МВР сè уште нема објавено кои улици точно ќе бидат затворени денес, по повод концертот на Дејвид Гета во Скопје. Официјално е потврден само посебен сообраќаен режим на приодите кон Националната арена „Тодор Проески“ и на дел од булеварот „Илинден“, без прецизирани делници, часови и обиколни правци.

Музичкиот настан, со кој ќе заврши програмата за одбележување на 35 години независност на Македонија, е најавен со почеток во 19 часот. МВР, сепак, не соопшти кога точно ќе почнат ограничувањата и до кога ќе траат.

Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на приодите кон Арената и на булеварот „Илинден“. Од возачите се бара да ги почитуваат наредбите на полициските службеници кои ќе го регулираат сообраќајот на терен.

На заедничката прес-конференција со организаторот, претставник на СВР Скопје прецизираше дека режимот ќе опфати дел од булеварот „Илинден“. Сепак, не беше кажано од која до која крстосница ќе важат ограничувањата.

Нема потврда дали сообраќајот целосно ќе биде прекинат, дали возилата повремено ќе се пропуштаат или ќе се пренасочуваат. Затоа, најавата за „посебен режим“ не треба автоматски да се толкува како затворање на целиот булевар или на целиот центар на Скопје.

Во соопштението на МВР нема поименичен список на околните улици, карта на полициските блокади, забрани за паркирање, алтернативни правци или информации за евентуални измени на линиите на јавниот превоз.

Не е објавено ниту дали поради другите активности за Денот на независноста ќе има дополнителни ограничувања во централното градско подрачје. Засега институционално е потврден само режимот поврзан со музичкиот настан кај Арената.

Според организаторот, вратите на стадионот ќе бидат отворени во 17 часот, два часа пред официјалниот почеток на концертот. Замената на влезниците со нараквици денес ќе се врши од 10 до 17 часот кај „Вембли“ во Градскиот парк.

Поради очекуваниот голем број посетители, организаторот апелира граѓаните да пристигнат порано и, доколку можат, да не доаѓаат со автомобили.

На стадионот нема да биде дозволено внесување огнено и ладно оружје, експлозивни материи, ножеви, боксирачи, палки, стаклени шишиња, алкохолни пијалаци, лименки и други предмети што можат да ја загрозат безбедноста. Посетителите се повикуваат да не носат ниту големи ранци и торби, за да не се создаваат застои на влезовите.

Скопје денес, на 8 Септември, ќе биде центарот на една од најголемите музички прослави во регионот. По повод одбележувањето на 35 години независна Македонија, на стадионот „Тодор Проески“ ќе настапи една од најголемите светски ѕвезди на електронската музика – Дејвид Гета.

Францускиот диџеј, продуцент и повеќекратен добитник на престижни музички признанија со години е меѓу највлијателните имиња на светската денс сцена. Со своите глобални хитови како „Titanium“, „When Love Takes Over“, „Memories“, „Play Hard“, „Without You“ и „I’m Good (Blue)“, Гета успеа да ја спои електронската музика со поп-звукот и да создаде песни кои се препознаваат и слушаат ширум светот.

Неговиот настап во Скопје ќе биде централниот дел од големата прослава на 8 Септември, но вечерта ќе започне со силна поддршка од домашната електронска сцена.

Пред Гета, публиката на стадионот „Тодор Проески“ ќе има можност да ги слушне NIKIFOR и SEMPRE, кои се официјалните подржувачи артисти за концертот

Back to top button
Close