Израел го блокира Хеброн и почна голема воена операција по убиството на двајца војници
Израелските сили спроведуваат претреси, евакуации и уривање објекти во дел од градот на окупираниот Западен Брег. Операцијата се очекува да трае неколку дена, а се случува непосредно пред парламентарните избори во Израел

Израел почна воена операција во областа на Хеброн, на окупираниот Западен Брег, откако двајца израелски војници беа убиени, а тројца ранети во вчерашниот напад врз воен контролен пункт. Во престрелката се убиени и двајцата палестински напаѓачи.
Според известувањето на Си-ен-ен, израелските сили почнале да иселуваат жители и да уриваат објекти во населбата од која потекнувале напаѓачите само неколку часа по нападот. На видеоснимки што ги користи телевизијата се слушаат војници кои им даваат на жителите пет минути да ги напуштат домовите. Престрелката кај контролниот пункт траела околу 20 минути.
Израелската војска и разузнавачката служба Шин Бет соопштија дека спроведуваат претреси за пронаоѓање оружје и уништување на, како што наведуваат, терористичка инфраструктура. Во операцијата учествуваат и граничната полиција и цивилната администрација, а се очекува таа да потрае неколку дена.
Мерките опфаќаат блокада на Хеброн и Халхул и поставување контролни пунктови. Жителите на областа ќе можат да излезат преку три определени премини, по испитување.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој го посети местото на нападот, најави претреси од куќа до куќа, одземање оружје и уништување инфраструктура што израелските власти ја означуваат како терористичка. Според Си-ен-ен, неговата првична најава за затворање на целиот Западен Брег потоа била стеснета на блокада на Хеброн






