ПОЛИТИКАТА НА ЈАВНО СЕЌАВАЊЕ ПО ОХРИДСКИОТ РАМКОВЕН ДОГОВОР

Јавното сеќавање никогаш не е неутрално. Далеку од неутрален запис на минатото, тоа е општествено конструиран наратив обликуван од современите вредности, идентитети и односи на моќ.  Државите ја курираат јавната меморија не само за да го одбележат минатото, туку и да ја обликуваат политичката имагинација на сегашноста. Приказните што ги раскажуваме за тоа од каде доаѓаме нè обликуваат: го обликуваат тоа кои сме, како ја разбираме правдата и каква иднина замислуваме. Во пост-конфликтните општества, борбата за тоа што се памети и што се заборава станува борба за политичка моќ, идентитет и легитимитет.

Кога Северна Македонија излезе од конфликтот во 2001 година, наместо да се соочи со насилството преку споделено кажување на вистината и одговорност, таа одлучи да го закопа под еден нов наратив за национална величина. Па така, наместо да инвестира во потрага по вистината, одговорност и инклузивно сеќавање, државата се сврте кон монументална архитектура и симболично градење на нацијата. Изгледаше како да ги заменува механизмите на транзициска правда со создавање јавна меморија спротивна на инклузивно општество. Деценијата по конфликтот од 2001 година ја откри оваа динамика со невообичаена јасност. Додека случаите на воени злосторства (Хашките случаи) беа тивко затворени според Законот за амнестија во 2011 година, центарот на главниот град беше трансформиран во монументална сцена што го слави античкото македонско херојство и етничкиот македонски идентитет. Во овој моноетнички мемориски пејсаж од херои, светци и воини, нерешената траума од конфликтот исчезна – не затоа што беше залечена, туку затоа што беше преместена (впрегната во политичка манипулација и обезбедување на политички легитимитет на вмровскиот популистички режим).

 

 

 

Охридскиот рамковен договор кој го означи крајот на меѓуетничкиот конфликт во Северна Македонија во 2001 година создаде институционални механизми за мултиетничко вклучување/инклузија, но државата истовремено создаде моноетнички режим на меморија преку монументалната програма „Скопје 2014“ – кој го оневозможува споделеното јавно сеќавање и градењето на општествена кохезија. Спротивно на тврдењата дека Рамковниот договор креира поделби, тој е механизмот преку кој државата ја балансира потребата од поттикнување на заедничка сопственост врз општеството, а истовремено ја почитува јазичната, релиогиозната и етничката разновидност во тоа оштество. Начинот на кој се постигнува оваа рамнотежа игра клучна улога во одредувањето на силата и отпорноста на македонското општество на внатрешни и надворешни притисоци. Политиката на колективната меморија, пак, е централен предизвик во овој балансирачки чин. Како што сугерира и литературата: кога институционалната инклузија не е придружена со споделена јавна меморија, постконфликтните општества ризикуваат да развијат паралелни идентитети, фрагментирано граѓанство и ослабена социјална кохезија. И Проектот „Скопје 2014“ заедно со учебниците по историја се двете фокални точки на македонската политика на креирање на фрагменирани идентитети или фрагменирано граѓанство.

 

 

 

 

I.

 

Националните наративи, сеќавањето и формирањето на идентитетот се силно поврзани со спомениците, кои од деветнаесетиот век се инструментални во градењето на општественото тело и процесoт на градење на нацијата. Како структури што постојат во физичката реалност – изградени на јавни простори видливи и достапни за сите граѓани, спомениците претставуваат сложена социјална конструкција на историски идеологии и практики. Одбележувајќи личности или настани од историско значење или интерес, тие дејствуваат како „разгласувачи“ за општествените и политички идентитети. Во оваа смисла јавните споменици (скулптури, статуи, спомен-обележја) се меѓу највидливите изрази на колективниот идентитет (на она што општеството сака да го памети или сака да го приоритизира).

 

 

Кои се доминантните идеи, вредности и наративи кои се создаваат и шират преку Проектот Скопје 2014? И како овој комеморативен јавен пејсаж кореспондира со Охридскиот Рамковен договор?

 

Скопје 2014 е фантазмичното сценарио на Татковината на вмровскиот популистички режим кое ја организира економијата на уживање на неговото морално мнозинство. Неговите неокласични згради, фасади и споменици се фантазмичната проекција на европската нација-држава од 19тиот век и нејзината моно-етничка концепција. Симболиката на споените фигури на коњаникот и коњот (речиси сите историски личности се качени на коњ) се однесува на тоа неделиво единство на националното чувство, во кое линијата помеѓу ослободувањето и освојувањето е замаглена. Симбол на животната сила која, лишена од секоја трага на комплексно значење, изразува презир кон невоинственото колебање. Сè што има сложени значења е колебливо, а со тоа и политички бескорисно. Националното активирање на моќта на коњаникот (мултиплициран низ етноцентричниот јавен простор) е архаична симболизација и апотеоза на моќта на националната држава – убедлив контраст на социјалистичкиот херој без коњ. „Воинот на коњ“, пак, треба да е врската со подлабоките (антички) темели на државата, визуелна гаранција за континуитет и бесмртност на националната држава – древна, херојска, хомогена.

И овие статуи на антички македонски кралеви, етнички македонски херои, светци и воини ја пренесуваат идејата за симболична и физичка хиерархија – која е етничката група која ги отелотворува вредностите на нацијата и кому припаѓа нацијата.  Ова просторно уредување треба да ги направи овие идеи да изгледаат трајни и неспорни (без оглед што вели Уставот, Преамбулата на Уставот или Рамковниот договор).

 

Во оваа смисла „Скопје 2014“ ја пребришува животната различност со моноетничка фантазија. Ги отстранува Албанците, Турците, Ромите, Власите…. (другите етнички групи) од визуелната нарација. Создава јавен комеморативен пејсаж каде што „другите“ се невидливи, иако се присутни во институциите, училиштата, работните места и секојдневниот живот. Тие не постојат во создадениот наратив, иако ги има во секојдневната реалност.

Оваа политика на колективно сеќавање не само што го нормализира исклучувањето, туку и ја поткопува довербата во институциите, прикажувајќи ги како нелегитимни. Така „Скопје 2014“ станува контра-институционален наратив – јавен комеморативен пејсаж кој се натпреварува со правната држава. Во литературата означен и како „режим на сеќавање“ или „мемориски режим“– тој не е декорација или урбана обнова, тој е систем на значење што се натпреварува со правото. Неговата националистичка фантазија треба ја залечи траумата од институционализираната инклузија предвидена со Рамковниот договор и на Македонците да им го врати нивното достоинство, со други зборови, да го дестабилизира заедничкото сопствеништво врз државата кое го носи Рамковниот договор.

Како што објаснува Рената Сaлецл, најстрашното насилство се случува кога субјектот е допрен во неговото внатрешно битие на таков начин што приказната што тој или таа си ја кажува себе си повеќе нема смисла. Кога фантазијата на субјектот е уништена (во овој случај фантазијата за чистотата на националната целина или моноетничкиот карактер на државата), тој повеќе нема идентитет и очајнички се обидува да создаде нова приказна за себе си.   Па така, додека Рамковниот договор ги инкорпорира другите етникуми во институциите на државата, „Скопје 2014“ го преоблекува Македонецот во антички освојувач, воин со кама, буздоган, меч.

 

 

И Идеите имплицирани во Скопје 2014 се авторитативни. Не само поради државната поддршка, или фактот дека се поткрепени и стабилизирани од различни други субјекти, како што се училишата, медиумите, моралните или религиозните доктрини, меѓудругите. Тоа е така, пред се, затоа што јавните статуи функционираат како афективни артефакти: дизајнирани да ги поткрепат афективните реакции. Тие се физички и симболично сместени објекти кои предизвикуваат емоции, го обликуваат општественото сознание и учествуваат во моралниот и политичкиот живот на заедницата. Нивната ефикасност лежи не само во она што го прикажуваат, туку и во тоа како го циркулираат афективното значење во јавниот простор. Тие не нудат директни слики со кои се идентификуваме (веќе и не е важно кој тоа таму е качен на коњ), туку повеќе конструираат симболичен простор, гледна точка од која си изгледаме допадливи самите на себе (Македонците како освојувачи, со фонтани, мостови и триумфални порти како европските метрополи). Ваквата афективност има далекусежни структурни ефекти врз оние кои живеат во нејзиниот домен. Говориме за социјално воспоставени структури на чувства кои ги одвојуваат луѓето од алтернативните идеи – го прават она што некои автори го нарекуваат херменевтичко стеснување или ограничување во толкувањето кое може да биде дури и пофективно ограничување од она на училиштата, медиумите итн.

 

Па така, „Скопје 2014“ (и неговото херменевтичко стеснување) нè држи во етноцентричната свест која секогаш гравитира околу категориите на чест и понижување (победа во битки, понижувачки услови за мир). Неговите авторитативни идеи, тој монументален наратив замислен на Македонецот да му го врати достоинството, само го дестабилизира. Секојдневната конфронтација на приказната на Скопје 2014: Македонија како безвременска, чиста, победничка со приказната на секојдневниот живот: едно мултиетничко постконфликтно општество, ја вглавува оваа етноцентрична свест некаде меѓу потребата да исклучува и револтот дека тоа не може да го изведе (барем не до крај, може само да мрази, да повикува на Ќосето за предавниците и шири говор на омраза). На крајот ова го претвора Македонецот во едно разјарено битие, заглавено во онтолошка несигурност, кое осцилира помеѓу жртва и освојувач и се жести на самиот поим Рамковен договор и на секое споменување на мултикултурниот карактер на државата.

 

 

И ние можеме да одиме понатаму по оваа линија која, пак, нè поттикнува да размислуваме чии афективни искуства се приоритетни во јавниот простор. Можеме да кажеме дека Скопје 2014 е форма на емоционален империјализам, доминација на емоционалните животи на една заедница врз други. Додека овие споменици, овој комеморативен пејсаж може да игра важна улога во поткрепувањето на чуството за себе на морално мнозинство на вмровскиот популистички режим – да произведува едно чуство на припадност и удобност, за останатите може да функционира како угнетувачки со тоа што ги попречува „напорите за воспоставување врски со за нов значајни делови од минатото“ или да произведува чуство на алиенација, инфериорност, па дури и страв и вознемиреност. И ние се наоѓаме себе си вградени во средина која значително влијае на нашиот афективен живот на начини спротивни на нашите интереси и желби, морал, етика и естетика.

 

Дополнително важно, овие авторитативни идеи имплицирани во „Скопје 2014“ е тешко да се нападнат. Како целина овој комеморативен пејсаж не мора да биде очигледно штетен или навредлив (може да биде само грд, пералница на пари итн.). До степен до кој комеморативните артефакти споменуваат чесни луѓе или важни настани или достигнувања, тие обично не изразуваат директно штетни ставови за други нереферентни групи. За разлика од нашите одговори на несоодветни или погрешни артефакти (на пример споменик на воен злосторник, робовладетел, итн.) каде што директно можеме да се повикаме на нивната штетност или навредливост, нашите одговори на овие имплицирани идеи се посложени. Ние тука треба да се вклучиме во мета-лингивстичко негирање за да ја отфрилиме импликацијата што ги придружува идеите.

А во практика металингвистичката негација е полна со тешкотии. Критиката секогаш ја носи опасноста да биде преуранета и да биде обвинета за параночност, пречуствителност (гледаме импликации таму каде што ги нема) или неченост (со тоа што самите ја создаваме импликацијата или импутираме импликација од некоја безопасна или дури позитивна идеја: Зошто би ни пречел Даме Груев на пример? Или каква врска има Скопје 2014 со секојдневното насилие и микро-насилство во нашите социјални релации или со тоа како ја разбираме моќта – како физичка сила….). Сепак, да претпоставиме дека критиката чека додека јавниот комеморативен пејсаж навистина не ги имплицира тие идеи. Во такви околности е веќе предоцна и тој веќе го предизвикал херменевтичкото стеснување и сега нè држи во него. Па гледаме цели генерации на млади луѓе кои шетаат со една импутирана траума на идентитетска загуба, сметајќи го Рамковниот Договор за предавство на државата, веејќи го знамето од Вергина и разбирајќи ја историјата онака како што Скопје 2014 ја раскажува; едно морално мнозинство кое одобрува или се воодушевува од геноцидални политики на други држави (затоа што го прават тоа што нивната татковина не може поради предавниците или меѓународната заедницата, не може да го активира своето „Ќосе“…)

 

Понатаму, покрај тешкотијата да се нападнат овие имплицирани идеи, многу е тешко и да се интервенира во нивното дејство. Предлозите за отстранување на неколку спорни артефакти или за додавање на неколку нови веројатно нема да направат многу (на пример во напори за некакво етничко балансирање да додадеме и еден Скендербег до Александар). Овие парцијални отстранувања или дополнувања сами по себе не можат да успеат во нивните металингвистички негирања на имплицираните идеи што веќе се воспоставени. Покрај тоа, парцијалните дополнувања/остранувања веројатно ќе се третираат како исклучоци од веќе имплицираните идеи, а не како сериозни предизвици за нив. Она што ни треба за да се спротивставиме на идеите имплицирани од „Скопје 2014“ вклучува значителна ревизија на неговите составни артефакти. Со други зборови, она што ни треба е буквално да обликуваме нов светоглед.

 

 

 

 

II.

 

Отсуството на интегрирано образование по историја за учениците во основно училиште исто така се спротиставува на пошироката агенда за инклузија на Охридскиот рамковен договор. И тоа е другата фокална точка на политиката на креирање фрагментирани идентитети или фрагментирано граѓанство.

 

Честопати се напоменува дека јазичните решенија воведени со Рамковниот договор зајакнуваат паралелни општествени структури, особено во образованието и локалното управување, што креира етнизирани јавни сфери. Како и да е, иако јазикот создава практични бариери за комуникација, односно јазикот може да ја канализира или да ја комплицира комуникацијата, активните процеси на социјализација вградени во учебниците – кого тие го глорифицираат, чија историја изоставуваат и како моралната или когнитивната вредност им се доделува на различни групи – генерираат наративи кои произведуваат и овековечуваат поделба низ етнички линии.

 

Тоа е така затоа што учебниците по историја не се неутрални образовни алатки, туку моќни психолошки инструменти кои ја градат и ја зајакнуваат колективната меморија, идентитетот и структурите на моќ. Тие ги поучуваат младите луѓе како да размислуваат или дејствуваат како национални субјекти и како да ги гледаат своите односи со надворешните лица. Па така, за разлика од јазикот, кој е поврзан со културното наследство, учебниците по историја се дизајнирани артефакти што можат системски да ја спроведат или намалат поделбата.

 

Образованието по историја во Северна Македонија функционира како двоен систем, создавајќи фундаментално различни историски наративи за македонските и албанските ученици. Начинот на кој е организирана наставната програма – со посебни часови за албанската и македонската историја, одржува една поделба во која историските случувања се презентирани преку посебни национални рамки, а не како меѓусебно поврзани искуства.

Наместо да гради интегриран и мултиперспективен пристап – кој е современ пристап усвоен низ земјите во светот и особено Европа, наставната програма функционира како рамка во која различните наративи се развиваат одделно без доволно точки на контакт и без дијалог.

 

Резултатот е меѓусебно исклучива морална географија, каде што хероите, жртвите и траумите на секоја група се легитимираат само во рамките на нејзината заедница. Ова ја прави социјалната кохезија исклучително тешка, бидејќи не постои заедничка нарација што ќе ги поврзе. Без заедничка нарација, младите не можат да развијат емпатија за страдањето на другата заедница, ниту пак можат да замислат споделена заедничка иднина. Учебниците по историја во оваа смисла се тивок, но моќен мотор на социјално дистанцирање, место каде меѓуетничките односи се обликуваат долго пред политиката да влезе во сликата.

 

Дополнително, во период кога глобалните преплетувања стануваат толку витални елементи во историските студии, на младите луѓе во Македонија им се нудат курсеви по историја каде што регионалните и меѓународните случувања генерално се толкуваат во однос на нивното влијание врз Македонија и македонскиот народ. Со врамување на настаните во ваква тунелска визија, на учениците им се даваат релативно малку можности да се вклучат во глобално разбирање на пошироките каузални мрежи и глобални перспективи.

И повеќе, надворешните перспективи главно се вклучени низ призмата на надворешни закани или наративот на националното страдање, мачеништвото или неправдите. Тоа придонесува за интернализирање на колективна меморија на жртва која го намалува критичкото историско разбирање или способноста на младите да ги контекстуализираат настаните без да ги сведат на национална жалба.

 

Низ овие фокални точки можеме подобро да разбереме како сеќавањето, признавањето и обликувањето на јавното сеќавање стапуваат во интеракција со правните и институционалните мерки. Наследството од Охридскиот рамковен договор не е поддржано со процеси на помирување или процеси на транзициска правда – која пак, мора да функциора и преку конструирање на инклузивни наративи кои признаваат повеќекратни искуства на насилство. Сосема обратно, политиката на јавната меморија директно ги блокира токму оние механизми кои треба да ги адресираат/залечат, наместо експлоатираат пост-конфликтните трауми, со што се одржува општествената поделеност (која потоа му се припишува на Рамковниот договор). И разбирањето на оваа динамика е од круцијално значење за креирање интервенции и политички рамки способни да поттикнат траен мир, општествена доверба и одржливо помирување.

 

 

 

 

Проф. Елена Михајлова Стратилати

Текстот е извадок од обраќањето на Конференцијата ОРД 25+ Лекции, наследства, хоризонти, во организација на ProPeace, 24-25 септемри 2026 година

 

 

Back to top button
Close