Петровска открива: Посредници сакале да се вклучат во набавката на хеликоптерите, еден сега е советник на Мисајловски
Поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска изнесе тврдења дека поединци и фирми посредници се обиделе да се вклучат во процесот на набавка на осумте воени хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“.

Во интервју за „Ноќно студио“ на 4ТВ, таа изјави дека еден од тие посредници денес е неформален советник на актуелниот министер за одбрана Владо Мисајловски.
Според Петровска, обидите за вклучување посредници се случиле во периодот кога стручниот тим на Министерството за одбрана ги анализирал можните производители на хеликоптерите, пред да биде донесена конечната одлука за договор со Италија.
„Во одреден период од фазата кога тимот анализира и кога се носи одлуката дека ова ќе биде договор влада со влада, само не се знае со која, затоа што тимот сè уште анализира, се појавуваат поединци и фирми посредници кои им велат на луѓето од тимот: Не мора да преговарате со фирмата, преговарајте со нас. Тоа е апсолутно одбиено“, изјави Петровска.
Таа тврди дека одлуката била да се избегне посредништво и преговорите да се водат директно со производителот.
Петровска изнесе и тврдење дека еден од поединците кои се обидувале да посредуваат во набавката денес има неформална советничка улога кај министерот Мисајловски.
„Веројатно некој од тие, едниот од тие сега е неформален советник на Мисајловски, претпоставувам дека сме го налутиле, ајде така да се изразам, затоа што не бил дел од процесот на одлучување, односно не сме сакале“, рече таа.
На прашањето дали вклучувањето посредници би значело и повисока цена на набавката, Петровска одговори дека тоа би било логично поради дополнителните трошоци за нивниот ангажман.
„Па, веројатно, по логика, би требало, затоа што некој ќе треба трудот да си го наплати. Како и да е, одлучено е да се преговара исклучиво со производителот, без посредници, и така е направено“, истакна Петровска.
Таа објасни дека по изборот на „Леонардо“ и одлуката за склучување меѓувладин договор со Италија била побарана официјална финансиска понуда.






