Агелер: Шоле ќе ја потврди поддршката на САД за земјава, а борбата против корупцијата е приоритет за Вашингтон
Советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле, ќе покрене неколку прашања за време на неговата посета на С Македонија закажана за в среда и ќе ги потврди заложбите и поддршката на Соединетите Американски Држави за земјава, изјави денеска американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер.
Кои прашања ќе ги покрене советникот на Стејт департментот, Агелер не прецизира, но истакна дека борбата против корупцијата останува приоритет за САД.Тој е многу посветен на стабилноста и сигурноста на Западен Балкан и со нетрпение го очекуваше ова патување.
Мислам дека сте го виделе неговото неодамнешно интервју каде што зборува за тие приоритети како што е борбата со корупцијата и тоа ќе остане приоритет за Вашингтон и ќе покрене неколку прашања за време на неговата посета оваа седмица. Исто така, му честитав и на министерот (Бујар Османи н.з.) и на земјава што ги преземате овие многу важни претседателства (со ОБСЕ и со Јадранската повелба н.з.), ќе биде една многу важна година и тој ќе ги потврди заложбите и поддршката на САД за вашата земја на секој можен начин“,изјави Агелер одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната прес-конференција со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, на која тој ги претстави приоритетите и целите на земјава за време на нејзиното претседавање со Јадранската повелба оваа година.
Посетата на Шоле на земјите од Западен Балкан беше најавена за декември минатата година, но тој ја откажа својата турнеја во последен момент поради позитивен тест на ковид.Еден месец подоцна, односно од 11 до 13 јануари, советникот на Стејт департментот ќе ја реализира својата посета, во рамките на чија агенда се Северна Македонија, Косово и Србија.
Целта на посетата, како што објави Стејт департментот, е да ја нагласи трајната посветеност на САД за мир, стабилност и просперитет на Западен Балкан.
Шоле на 11 јануари ќе престојува во Скопје, а предвидено е да се сретне со владини претставници и да разговара за повеќе прашања, меѓу кои енергетиката, економијата и борбата против корупцијата.