Реконструкцијата на владата ќе добие поддршка од најмалку 64 пратеници, смета новинарот Џелал Незири


Најмалку 64 пратеници ќе гласаат за „новата влада“ во која ќе влезе Алијанса за Албанците (АА), проценува новинарот Џелал Низири, кој гостуваше во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.

„Имате право, немаме јасна слика на која страна ќе застанат пратениците особено по овие последни поделби, предизвикани од влегувањата и излегувањата на партиите во владината коалиција. Но, според сите изгледи, оваа влада или коалиција, има сигурна поддршка во Собранието, има стабилно мнозинство, сега со влегувањето на АА и најмалку 64 пратеници ќе ја гласаат новата влада“,

одговори Незири на новинарската констатација дека се чини незивесно колку гласа ќе добијат предложените за нови министри во Собранието.
Прашан за очекувањата во некои кругови дека можеби ќе нема најмалку 61 пратеник во поддршка на реконструкцијата на владата, Незири коментираше:

„Не верувам, бидејќи ако ги собирате или минусирате сите овие потези на партиите тогаш минимумот на парламентарното мнозинство ќе биде 65 пратеници. Ако го минусираме дури и Павле Трајанов, повторно нема да се загрози ова мнозинство. Мислам дека со влегувањето на АА во владата, се реши една дилема. Тоа е дека нема да има предвремени избори и наредните парламентарни избори ќе бидат редовни. Ова е добра вест во целиот овој метеж.“

Дали може да се испостави дека „се колел вол за една кременадла“ – беше следното прашање до Незири.

„Мислам дека мнозинството досега не беше стабилно, бидејќи имавме повеќе коалициони партнери, плус ‘огнената група’, која контролира 2-3 пратеника, значи имаше нестабилност која ги зајакнуваше помалите партии. Сега со Алијанса мислам дека минимумот ќе бидат 64 пратеници, а очекуваното мнозинство би било околу 70“,

рече Незири во „360 степени“.
Алијанса за Албанците во „новата влада“ ќе добие три министерски места, информација што синоќа на прес-конференција ја потврди и партискиот претседател Арбен Таравари. Тој денеска имаше и средба со премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, а во јавноста веќе излегоа и дел од имињата кои Алијанса ги предлага за министерски позиции.

Станува збор за Кренар Лога, кој е предлог за нов министер за правда на местото на Никола Тупанчевски (СДСМ), како и Фатмир Меџити за ресорот здравство со кој сега раководи Беким Сали (Алтернатива).

Дел од медиумите објавија дека Алијанса ќе го добие и Министерството за информатичко општество и администрација, за каде го предлага Азир Алиу кој би го заменил Адмирим Алити (Алтернатива).

Партијата на Таравари ќе има и двајца заменик-министри, кои според неофицијални информации ќе бидат Вјолца Бериша за земјоделство и Тирон Јахјага за одбрана.

Дали Алтернатива, која според овој договор, две места ќе ѝ препушти на Алијанса, ќе остане воопшто во Владата, засега е неизвесно. Од партијата денеска најавија дека в недела ќе одлучува Централното собрание.

Back to top button
Close