Спасовски: Уништени 1.4 тони дрога во Макстил, второ уништување во рок од шест месеци како резултат на постојаните полициски акции

„Минатата 2022 година ја завршивме со запленети рекордни над 2.4 тони дрога и 20 тони прекурсори, сузбиени беа 12 организирани криминални групи со откриени над 660 кривични дела и 770 сторители на кривични дела. Во делот на борба против недозволена трговија со оружје имавме над 18% зголемена откривачка дејност со откриени 127 парчиња оружје и 5103 парчиња муниција.”, потенцираше министерот Спасовски и истакна дека и ова како и претходното уништување на дрога е резултат на големиот број константни оперативни акции и активности кои МВР ги спроведува во изминатите години со цел спречување на нелегалната трговија со дрога и прекурсори.
„Министерството за внатрешни работи, односно сите организациони единици надлежни за сузбивање на недозволената трговија со дрога, продолжуваат со реализација на овој наш врвен приоритет – на брз, координиран и ефикасен начин да ја сузбиеме оваа девијантна појава”, рече министерот Спасовски. Министерот Спасовски на крај истакна дека бројките ги потврдуваат сериозните успеси во борбата со недозволената трговија со дрога, која ова раководство на МВР уште во почетокот ја постави како еден од своите приоритети во која нема место за никакви компромиси а МВР ќе продолжи да ја информира јавноста на целосно транспарентен начин како во делот на откривањето и санкционирањето на ваквите појави, така и во делот на уништувањето на кое сме денес сведоци.
Генералната директорка на Макстил, Марија Дуковска-Павловска во изјавата за медиумите рече: „Макстил стана честа дестинација за спроведување активности поврзани со спалување запленета стока, што од своја страна говори за високите стандарди според кои работиме, но и за високо технолошки напредната опрема со која располагаме. Соодветно на нашата општествена одговорност, целиот капацитет е ставен во функција на јавното добро, сето она што претставува корист за заедницата, за јавноста или за јавните државни институции”.