Нафатирани политичари

Пред посетата на потпретседателот на Европската комисија Жосеф Борел, протече документ од брифинг со македонските здруженија на граѓани според кој, високи дипломати од ЕУ забележале дека „високата политичка и институционална корупција станува сѐ поочигледна“.

Добро утро, Брисел. Сѐ што ни кажувате е точно. И дека има корупција. И дека ни треба зајакнување на владеењето на правото. И дека и покрај тоа што ЕУ истурила едно чудо милиони евра, поддршката на граѓаните кон ЕУ паѓа.

Сега ли забележувате дека има „висока политичка и институционална корупција“?  Па, голем дел од кабаетот за таа политичка и институционална корупција оди и кај ЕУ лидерите. Овој период ме потсеќа на 2008, кога Грција го стави ветото за НАТО и кога Никола Груевски си рече: Што и да правиме, нема да влеземе во НАТО додека не го смениме името, па дај да се фрлиме на крадење и на богатење.

Прво изгубивме цела година слушајќи ги и Меркел и Макрон и сите други знајни и заборавени европски администратори дека треба да си го смениме името. После изгубивме две години додека во ЕУ измислуваа оправданија зошто нѐ измамија и зошто не ги исполнуваат обврските што самите си ги презедоа по Преспанскиот договор –  ај не овој самит, ај другиот, па ај сега нова методологија за проширување, па ај сега уште овие избори да ни поминат… Сега веќе трета година си губиме занимавајќи се со ветото на Бугарија. Ги совладуваме пречките што ни ги постави самата Европска унија во моментот кога по бугарски памет ја прифати дискусијата дали сме Македонци и од кога сме Македонци и дали збориме македонски јазик. Поддршката на граѓаните кон ЕУ опаѓа затоа што Македонците во лицето на ЕУ го гледаат лицето на Румен Радев кој им вика дека не постојат.

Европските дипломати укажуваат на политичка корупција и неказнивост, ама таа корупција не им пречеше кога требаше да се обезбеди мнозинство за промена на Уставот со додавката „Северна“ во името, па на неколку пратеници им простија многу тешки кривични дела, а некои беа и наградени. Бараат ефикасно судство и обвинителство и истраги за вископрофилна корупција. Супер. И ние бараме. Ама, ај нека се осмели Обвинителството да гони некој политичар за корупција, а тој треба утре да го менува Уставот.

Пред посетата на Борел, дипломатите на тој неформален брифинг им советувале на граѓанските организации да ѝ предочат на јавноста дека „исполнувањети на неопходните барања и услови се од преговарачката рамка со Европската комисија, а не со земја-членка на ЕУ“.

Во превод – не лутете ѝ се на Бугарија, лутете ѝ се на целата Европска унија затоа што три години ви го сопре развојот на земјата бидејќи сте Македонци што зборуваат македонски јазик.

Притоа, на Македонија ѝ се дава рок до ноември да ги испорача уставните измени за практично да ги почне преговорите. Ама ЕУ не може да си даде рок колку би траеле преговорите, па на македонските новинари во Брисел, евробирократите им рекле дека Владата во Скопје треба да биде пореалистична во поставувањето на роковите до кога би требало да влеземе во ЕУ.

Во превод – ставете ги вие Бугарите во Устав, па ќе видиме дали некогаш ќе ве примиме во ЕУ

Kолумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close