МНР: ВМРО-ДПМНЕ има уште 24 часа за да се извини за манипулациите дека Османи го прекршил Законот за употреба на јазиците

Министерството за надворешни работи утрово преку писмено соопштение повторно ги демантираше обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека шефот на дипломатијата го прекршил Законот за употреба на јазиците за време на прес-конференцијата со шпанскиот колега Хосе Мануел Албарез Буено во петокот, минатата недела, оставајќи и на партијата уште 24 часа за да се извини за, како што велат од Министерството, свесните обиди за внесување меѓуетнички тензии и раздор во општеството.

„Изминаа 24 часа откако беа демантирани грубите лаги од страна на ВМРО – ДПМНЕ, пласирани за време на празници, а партијата сѐ уште не испрати извинување. Како поука за понатаму, за партија која е фатена на дело како лаже, оставаме уште 24 часа да се извини и кон Министерството и пред сѐ кон јавноста која беше вознемирена за време на празници. Со тоа, станува очигледно дека обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ преставуваат свесен обид за внесување меѓуетнички тензии и раздор во општеството, што може да се потврди и од вордингот и тајмингот на самата манипулација пласирана од ВМРО-ДПМНЕ“,се наведува во соопштението од МНР.

Идентично како и шефот на дипломатијата вчера, кој на својот официјален фесјбук-профил реагираше на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ, и од Министерството во прилог на соопштението објавуваат видео-запис од прес-конференцијата на Османи со шефот на шпанската дипломатија.

Од приложената снимка може да се забележи дека обраќањето на Османи на прес-конференцијата е на македонски јазик, по што министерот се обраќа и на албански јазик.

Од Министерството за надворешни работи оценуваат дека тоа што обидот за манипулација на јавноста бил направен за време на празници, претставува доплнителна навреда кон граѓаните на земјава, и затоа очекуваат извинување од опозициската партија.

Оттаму дополнително ја појаснуваат употребата ја двата службени јазици при јавните настапи на министерот за надворешни работи пред домашната јавност.

„Како одамна воспоставена пракса Министерот се обраќа на ист начин од почетокот на мандатот како министер за надворешни работи последните три години, како и претходно две години како Вицепремиер за европски прашања; на јавните настапи пред домашната јавност Министерот се обраќа на двата службени јазици, што е видливо и од самиот видео запис, при што за медиумите секогаш е обезбеден и соодветен превод, согласно Уставот и Законот за примена на јазиците“се вели во соопштението.

Вчера опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повика Османи да си поднесе оставка од функцијата, а надлежните органи да поведат постапка за кривична одговорност против него зашто на прес-конференцијата со својот шпански колега во петокот зборувал на албански, наместо на македонски јазик кој според Уставот е службен јазик во меѓународната комуникација.

ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Османи поради кршење на Законот за употреба на јазиците, од МНР одговорија со демант

На ваквите обвинувања реагираше шефот на дипломатијата, Бујар Османи кој оцени како невистинити, а опозициската партија ја обвини за шовинистичко однесување.

„ВМРО-ДПМНЕ сè повеќе прераснува во шовинистичко здружение кое не ги почитува ни своите поддржувачи кога на светите празници изнесува лаги и невистини, а уште помалку останатите граѓани кои постојано ги навредува и омаловажува, ширејќи етничка омраза и нетрпеливост“напиша Османи на Фејсбук.

ВМРО-ДПМНЕ сè повеќе прераснува во шовинистичко здружение, вели Османи по обвинувањата за кршење на Законот за употреба на јазици

Back to top button
Close