Новиот директор Вулнет Селими најави санкции за прегласна музика во поликлиниката во Драчево
Новиот директор на Здравствен дом – Скопје, Вулнет Селими најави санкции поради пуштање на прегласна музика во поликлиниката во Драчево. Тој ова го обелодени на социјалните мрежи.
-По објавувањето на видео снимка од внатрешноста на поликлиниката Драчево, на која се слушаа песни со исклучително висок глас, што е надвор од секоја етика и прописи, пред неколку моменти ја посетив оваа поликлиника. Одговорниот лекар ми потврди дека таа сцена се случила минатиот четврток, оправдувајќи ја по повод пензионирањето на вработен на Клиниката, што и според него е над нормалното, напиша Селими на Фејсбук.
Потенцира дека за овој пропуст ќе бидат преземени дисциплински мерки и против управителот на клиниката и против дежурниот лекар одговорен на денот кога се случила оваа сцена.
-Ваквите сцени не можат да се толерираат во амбиенти каде што луѓето одат да ја добиваат потребната медицинска помош, порачува директорот на Здравствен дом – Скопје