Ближниот свој 

Има нешто импресивно во њујоршките цркви. Со предвидлив и малку кутар ентериер, но со знамето нa гордоста и на транс заедницата над влезот. Здодевен ентериер, но јасна порака кон јавноста. И атмосфера на некаква лежерност и отвореност, извесна „Тука сме ако некому требаме“ непретенциозност.бСо, суштинска пораката дека концептот „Бог е љубов“ е отворен кон преиспитувања и кон промените кои се случуваат во општеството, по што некои цркви почувствувале дека треба да ја прошират прегратката и да „возљубат“ некој различен, па да стане „свој“.

Веројатно тамошните свештеници сфатиле дека ближниот свој не е концепт изрезбан во камен, туку поблиска им е интерпретацијата на Мајкл Харт и Антони Негри според кој ближниот е празно место, на кое може да се смести различниот друг.

„Популизмите, национализмите, фашизмите и различните религиозни фундаментализми се базирани не толку врз омраза колку врз љубов – но врз ужасно корумпирана форма на идентитетска љубов (притисок и педагогија најмногу да се сакаат оние кои се најслични на нас, па оттука, помалку да се сакаат оние кои се различни). За да се победи корумпираноста, првичната стратегија е да се примени една уште поекспанзивна, повеликодушна интерпретација на заповедта да се сака ближниот свој, во која ближниот нема да се прочита како оној кој е најблиску до и најмногу наликува на нас,туку, напротив, како Другиот. „Оттука ближниот (the neighbour) е… само чувар на местото“, вели Франц Розенцвајг. „Љубовта е, всушност, ориентирана кон опфаќање на сите оние – луѓе и нешта – кои во кој било момент можат да го заземат местото на ближниот, во крајна линија, се однесува на сè, се однесува на светот.“ Според тоа, заповедта да го сакаш ближниот свој, отелотворувањето на секоја една заповед за монотеистичките религии, од нас бара да го сакаме другиот, односно да ја сакаме различноста. (Харт, Негри 2021: 705)

Не ми е блиска идејата дека е тоа љубов, веројатно терминот „корумпирана„ подразбира фантазија за љубов. Идеолошка конструкција на сличност и сакање на сличниот. Целиот систем на мобилизација омраза е демонски бидејќи го прави битието суштински неспособно за љубов.

Конечно, непредвидливо е однапред што го прави некој „свој“. Веројатно таквата непредвидливост го остава местото празно, во очекување на неговото појавување.

Денешниот протест е светлосни години зад цивилизациските придобивки, како идејата дека човековите права им припаѓаат на сите, уживањето на човекови права и слободи никако не го загрозува правото на религија и вероисповед кое останува уставно загарантирано.

Луѓето од црквата кои мобилизираат се слепи за една од главните линии на христијанството – универзализмот на човековата природа и на концепот „ближен свој“ кој низ децениите на конзервативно проповедање агресивно го гушат во родово и етнички специфициран.

Попладнево ќе шетаме на некои други места. И ќе ги игнорираме.

Додека и понатаму упорно го создаваме градот кој може да биде дом на сите.

Лени Фрчкоска

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close