СУДСКИ ГЛАМУР
Американците си го решија својот проблем со Орце Камчев. Го ставија на црна листа, му замрзнаа имоти и сметки кај нив, им забранија на американски компании да работат со него, а нему и влез во САД, и за нив тој е завршена приказна. И ни викаат – и вие имате проблем со Орце Камчев. Решете си го.
Наивно е да се верува дека црната американска листа ќе го реши и нашиот проблем. На тој список на непожелни во САД се Мендух Тачи, Никола Груевски, Сашо Мијалков, Рамис Мерко. Непожелни во САД – и тоа како пожелни тука. Американците мислат дека тоа што некој е бележан како криминалц кај нив, во Македонија би се засрамил. Кој да се засрами? Кај нас срам немаат обвинителите и судиите кои им ги маткаат постапките со години и ги ослободуваат, од срам се оперирани политичките фигури од власта и опозицијата што менуваа и закони за на овие „бележаниве“ да им врви бизнисот, а не пак обвинетите на кои според делата што ги сториле по закон им се заканува затвор.
Злоупотребата на законот, позицијата, перењето пари, подмитувања и други прекршоци во кои учествувал Орце Камчев, не само што ја еродираат довербата на јавноста во судскиот систем на Северна Македонија, туку и претставува значајно предавство на граѓаните на оваа земја“, рече американската амбасадорка Анџела Агелер.
Ама, таа рече и дека тие нема да дојдат кај нас да апсат и да почнат правни процеси против нив, но „интересно ќе биде да се види какви дејствија ќе бидат преземени по означувањата“.
Оти нели, доказите се тука, не се во Вашингтон.
А кој ќе ги преземе „тие дејствија“? Судиите и обвинителите што ги поставуваа Груевски и Мијалков со партиските тефтерчиња? Истите тие со кои после Камчев се нагодуваше да го ослободат. Од алчност што не можеа да се сопрат, прво ги хранеше, па после им ги теснеше желудниците во неговата болница. Зарем амбасадорката навистина верува дека тука ваквите државни институции ќе почнат да си ја вршат својата работа?
На американската амбасадорка може ќе ѝ биде интересно како државата ќе се справи со бележаниот Орце Камчев. За нас, не сум баш сигурен. Освен што, можеби за забава ќе гледаме сеир како поткупената држава ќе се справи со тој што ја поткупил. Како корумпираните институции ќе го гонат оној што ги корумпирал.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК






