Град Скопје лидер според падот на вредноста на набавките во 2022 година, намалување е забележано кај две третини од општините
Ова се дел од податоците објавени од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) кои укажуваат на пад на вредноста на јавните набавки кои ги склучиле 80 општини и Градот Скопје лани во однос на 2021 година. Ваквиот пад, велат оттаму, значи дека помал дел од буџетските пари се инвестирани во стоки, добра и услуги кои можеле да придонесат кон подобрување на условите за живот на граѓаните
Фото: Центар за граѓански комуникации (ЦГК)
Ова, меѓу другото, се дел од податоците објавени од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) кои укажуваат на пад на вредноста на јавните набавки кои ги склучиле 80 општини и Градот Скопје лани во однос на 2021 година. Ваквиот пад, велат оттаму, значи дека помал дел од буџетските пари се инвестирани во стоки, добра и услуги кои можеле да придонесат кон подобрување на условите за живот на граѓаните.
Дури две третини од општините бележат пад на вредноста на набавките
Кај две третини од општините или вкупно 54 општини и Градот Скопје во 2022 година е забележан пад на вредноста на јавните набавки во однос на 2021 година. Податоците што ги објави Центарот за граѓански комуникации говорат дека Градот Скопје и 80 општини во земјава лани потрошиле вкупно 118 милиони евра за јавни набавки што е за 65 милиони евра помалку во однос на 2021 година.
Фото: Центар за граѓански комуникации (ЦГК)
Најголем пад на вредноста на јавните набавки во 2022 година бележи Град Скопје со намалување на тендерите од 31 милион евра. Следуваат Општина Центар и Гази Баба со пад од по пет милиони евра, потоа Гостивар, со пад од четири милиони евра и Тетово со три милиони евра.
Од друга страна, пак, најголем скок на апсолутната вредност на тендерите во 2022 година, според податоците на ЦГК, бележат општините Кисела Вода, со раст од 3,6 милиони евра, потоа Струмица, со 3,5 милиони евра, и Штип, со раст од 2,8 милиони евра.
Град Скопје е на врвот, Општина Вевчани на дното според вредноста на набавките
И покрај падот на вредноста на тендерите лани во однос на 2021 година, Град Скопје е лидер според вредноста на јавните набавки, кои лани изнесувале околу 15 милиони евра.
„Но, за разлика од претходните години, кога уделот на јавните набавки на Градот Скопје изнесувал и до една четвртина од вкупните набавки на локалните власти, во 2022 година тој удел е намален на само 13 проценти“,
велат од Центарот за граѓански комуникации.
Зад Градот Скопје, општини со најголема вредност на тендерите во 2022 година се Кисела Вода и Битола, со вредност од по речиси седум милиони евра, потоа е Струмица, со 5,4 милиони, па Штип со 4,8 милиони евра, Кавадарци со 4,4 милиони евра, Центар со 4,2 милиони евра, Куманово со 4,1 милион, Гостивар со четири милиони, и Гази Баба со 3,4 милиони евра.
„За нерамномерноста меѓу општините говори податокот дека овие десет единици на локална самоуправа имаат вредност на набавките буквално колку преостанатите 71 општина заедно“,
додаваат од ЦГК.
Јавни набавки над милион евра во 2022 година имаат 30 општини, следни се 21 општина, со вредност на јавните набавки помеѓу половината и еден милион евра, 21 општина имаат договори за јавни набавки во вредност од 200 илјади до 500 илјади евра и на крајот се девет општини чии јавни набавки се вредносно под 200 илјади евра.
Со само 50 илјади евра, Општина Вевчани има убедливо најмала вредност на јавните набавки. Пред неа се Општина Лозово, со јавни набавки од 53 илјади евра, потоа општините Центар Жупа, Шуто Оризари и Старо Нагоричане, со набавки од 113 до 129 илјади евра.
Фирмата „Рики-јуниор“ склучила најмногу, а „Енерџи деливери солушнс“ договори со најголема вредност
Локалните власти лани склучиле вкупно 3 508 договори за јавни набавки со 1 184 фирми, што, како што објави Центарот за граѓански комуникации, укажува на мал пораст во поглед на бројот на фирми со кои биле склучени договорите во однос на 2021 година, кога договорите биле склучени со 1 157.
„Анализата на податоците укажува на раст на концентрацијата на тендерите кај мал број фирми. Првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавните набавки имаат удел во вкупната вредност на набавките од 28 отсто, што е за четири процентни поени повеќе од уделите на најголемите 10 добитници во 2021 и 2020 година“,
велат од ЦГК.
Фирмата „Енерџи деливери солушнс“ ја предводи листата од првите 10 фирми со најголема вредност на тендери кај општините во 2022 година. Оваа компанија склучила 42 договори со вредност од околу 10 милиони евра за набавка на електрична енергија со Градот Скопје и 39 општини.
Следна е фирмата „Битем“ ДООЕЛ која склучила осум договори во вредност од околу 4 милиони евра. Станува збор за договори склучени за реконструкција и санација на улици во Градот Скопје и во шест општини.
На трето место е фирмата „Футуре енерџи трајдинг енд ексчајнинг динамикс“ – Косово, од која исто така е купувана струја, како и од прворангираната. Вредноста на договорите склучени со општините од страна на оваа фирма изнесуваат 198 милиони денари, односно 3,2 милиони евра.
Најголемиот поединечен договор за јавна набавка склучен од страна на единиците за локална самоуправа во 2022 година е оној на Градот Скопје со „Енерџи деливери солушнс“ во вредност од 3,2 милиони евра, за набавка на електрична енергија во период од една година.
Базата на податоци и истражувањето се изработени во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.