Груби: Никола Груевски со овие измени во Кривичниот законик не може ни да сонува да се врати
Вицепремиерот и министер за политички систем и односи со заедниците Артан Груби ги демантира обвинувањата дека измените на Кривичниот законик се направени за политички пазарења за да се обезбедат гласови за уставните измени. Според него, овие измени нема многу да влијаат на обвиненијата покренати од поранешното Специјално јавно обвинителство.
„Ако се анализираат овие два члена и Кривичниот законик во целина, во сите обвиненија на СЈО, интервенциите се минорни, особено во случаите на поранешниот премиер Никола Груевски, кој самиот објави пред неколку дена дека има мало влијание врз неговите случаи“изјави Груби во емисијата „Клан дебата“.
На прашањето дали Груевски има корист од измените на Кривичниот законик, Груби рече дека изменетиот член 353 од Кривичниот законик бил само дел од обвинението против него.
Вицепремиерот нагласи дека е невозможно Груевски да се врати слободен во Северна Македонија бидејќи влијанието на изменетите членови од Кривичниот законик на обвиненијата на Груевски е многу мало.
„Никола Груевски со овие измени во Кривичниот законик не може ни да сонува да се врати во Северна Македонија“, рече накратко Груби.
Во однос на уставните измени, тој повтори дека во истиот момент кога ВМРО-ДПМНЕ ќе го притисне зеленото копче министрите на ДУИ ќе поднесат оставки.
„Од прв до последен, во секунда ќе дадат оставки и ние ќе се повлечеме во моментот кога ВМРО ќе притисне зелено копче за уставни измени. И можеме веднаш да одиме на предвремени парламентарни избори или да ги оставиме да владеат 6, 7, 8 месеци, колку сакаат, до следните избори да докажат дека ја имаат власта и да ги избркаат Албанците од Владата. Се виде дека тоа е проблемот“рече Груби.
Лидерот на новоформираната партијата од албанскиот политички блок – Демократско движење, Изет Меџити, кој е поранеше член на ДУИ, минатата недела преку својот фејсбук-профил праша дали е точно дека оваа недела ќе му биде вратен пасошот на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Прашањето на Меџити беше во контекст на измените на Кривичниот законик, усвоени од Собранието минатата недела, а со кои, меѓу другото, се намалуваат казните за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување (член 353) и злосторничко здружување (член 354).
„Дали е точно дека идната недела ќе му биде вратена патната исправа на Никола Груевски, бидејќи со измените на КЗ автоматски се ослободува од одговорност за случајот ТНТ и ‘Траекторија’, додека за другите кривични дела за кои е осуден ќе му се овозможи повторување на кривичната постапка?“е прашањето што јавно го постави Меџити.
Инаку, објавата на Меџити е своевидно надоврзување на ставот што пратениците на трите партии од т.н. опозициски блок – Алтернатива, Беса и Демократско движење го изнесоа на прес-конференција во Собранието, пред да се донесат измените на Кривичниот законик истиот ден.
Мерита Коџаџику, Сафије Садики Шаини и Фадил Зендели тогаш рекоа дека основната причина поради која власта ги иницира промените на Кривичниот законик е за што побрзо да се спаси и „без трн во ногата“ да се врати Никола Груевски во Скопје.
„Јавноста има право да знае, а премиерот Ковачевски и министерот за правда Лога имаат обврска да го објаснат ова, дека доколку помине овој предлог за измена на Кривичниот законик, а тие имаат мнозинство да го усвојат, потоа можат слободно да му извадат билет на Никола Груевски во еден правец од Будимпешта до Скопје и да го пречекаат со сите државни почести“рекоа пратениците на трите партии во средата. Измените во Кривичниот законик се прават за да се спаси Никола Груевски – велат пратеници од Алтернатива, Беса и Демократско движење.