Трамп најави крај на војните во Иран и Украина и почеток на ерата на супер-интелигенцијата

Најочекуваното обраќање на отворањето на Генералното Собрание на Обединетите Нации беше на американскиот претседател Доналд Трамп, кој говореше денеска, како втор говорник, по бразилскиот претседател Лула да Силва.
Во својот говор, Трамп најави дека светот влегува во ера на вештачката интелигенција, односно, како што тој побара сите да ја нарекуваме во иднина – супериорната супер-интелигенција, за која рече дека ќе донесе период на благосостојба за сите.
Трамп воедно најави скорешен крај на војната во Украина, додека за конфликтот со Иран рече дека тој ќе запре по ноемвриските конгресни избори во САД, на кои се очекува војната и инфлацијата да имаат пресудна улога меѓу гласачите.
– Во сите законски документи и регулации од денеска вештачката интелигенција ќе биде позната под името супер-интелигенција. Јас нема да дозволам да се попречува развојот на нешто што ќе биде поголемо од индустриската револуција, поголемо од интернетот. Напротив, ќе го поттикнеме развојот на супер-интелигенцијата, изјави Трамп.
Тој оцени дека САД имаат огромна предност пред Кина во развојот на вештачката интелигенција и дека ќе продолжат да ја градат таа предност.
За критиките дека се работи за опасен изум, Трамп рече дека повиците за запирање на развојот на вештачката интелигенција доаѓаат од истите кругови кои го попречуваат развојот на енергенсите на човештвото под превезот на „климатските промени“.
– Истите што викаат дека ќе не убие вештачката интелигенција, дека ќе не ловат роботите, претходно велеа дека ќе не убие глобалното затоплување, ме обвинуваа за соработка со Русија, се залагаат за отворени граници. Тој што ќе победи во развојот на супер-интелигенцијата, тој е победникот, рече Трамп.
Претседателот на САД го обвини Иран дека одбивал да постигне договор за укинување на нуклеарната програма, како и за кршење на договорот за прекин на огнот, со кој требаше да се нормализира текот на нафтата низ Ормудскиот теснец.
Трамп ја правдаше својата одлука да го почне конфликтот со Иран велејќи дека таа држава спонзорирала тероризам насекаде низ светот, а со добивање на нуклеарно оружје ќе станела многу поопасна.
– Замислете само ако овој одвратен режим почне да врши големи терористички напади скриен зад нуклеарен штит. Тоа беше реалноста со која моравме да се соочиме, а која многумина сакаа да ја игнорираат. Јас сум решен дека Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје. Ги повикувам сите држави да ни се приклучат, да спроведеме економска изолација на Иран додека не ги запрат нивните напади врз трговските бродови, се откажат од своите нуклеарни амбиции и ја запрат поддршката на тероризмот, изјави Трамп.
Иранската делегација ја напушти салата на Обединетите Нации кога Трамп почна да зборува за нив.
– Војната во Украина ќе заврши многу поскоро отколку што мислиме. Работам многу тесно со лидерите на Русија и на Украина, и ќе го решиме тој проблем, истакна Трамп, додавајќи дека не може веќе да поднесе да ги гледа фотографиите од бојното поле и од жртвите на двете страни.
За безбедноста на Европа, Трамп силно го пофали генералниот секретар на НАТО Марк Руте, велејќи дека издејствувал зголемување на буџетите за одбрана на членките на НАТО од два на пет проценти од бруто домашниот производ. „Тоа значи дека сега ќе добијат повеќе заштита“, додаде Трамп.






