Предлог-одлуката за основање анкетна комисија за случајот Онкологија пред Комисијата за политички систем
Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе расправа за Предлог – одлука за основање на анкетна комисија за случајот Онкологија по информациите за злоупотреби со биолошката терапија за онколошките пациенти на ЈЗУ Универзитетска Клиника за радиотерапија и онкологија за што веќе има отворено истрага. Формирањето на анкетната комисија е со потписи на 20 пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ која минатата недела достави барање со Предлог – одлука за основање на комисијата до претседателот на Собранието Талат Џафери.
Освен ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, формирањето на ваква анкетна комисија го поддржува и владејачката СДСМ и нивните коалициски партнери, додека пратениците на ДУИ сметаат дека обвинителството и надлежните институции треба да си ја завршат својата работа.
Предлог- одлуката содржи осум члена и со неа се предвидува основање анкетна комисија за, како што се посочува во документот, „анализа на сите документи во ЈЗУ Универзитетска Клиника за радиотерапија и онкологија со цел утврдување на политичка одговорност на владините и здравствени функционери поврзани со аферата“.
Како што стои во предлогот на опозициските пратеници, анкетната комисија треба да ја утврди хронологијата на настаните и околностите во врска со надлежноста на оваа Комисија, ќе ја дефинира политичката одговорност и ќе утврди прекршувања на уставни и законски одредби од страна на Собранието, треба да утврди дали со овој скандал на ЈЗУ Универзитет биле загрозени основните човекови права на пациентите кои што се лекувале од моментот на ставањето надвор од употреба на КАТО системот за подготовка на цисостатиците. Потоа анкетната комисија ќе изготвува извештаи кои ќе се доставуваат до Владата на Република Македонија, Државната Комисија за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Јавното обвинителство на Република Македонија.
Се предлага анкетната комисија да се состои од 13 членови и нивни заменици, од кои: шест членови да бидат предложени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, четири членови од пратеничката група СДСМ, два члена од пратеничката група ДУИ и еден член од Алијанса за Албанците. Претседателот и заменикот претседател да бидат избрани од редот на членовите на Анкетната комисија од страна на Собранието на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата од редот на пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Исто така, се предлага седниците на анкетната комисија да се одржуваат согласно со Деловникот на Собранието, одлуките да се донесуваат со мнозинство на гласови од вкупниот број на членови, а седниците да бидат јавни, освен ако не се одлучи поинаку.
Доколку се одлучи да се одржи затворена седница на Анкетната комисија по нејзино завршуваање, претседателот подготвува посебен извештај.
Се предлага секоја пратеничка група да има право да предложи листа од сведоци и/или експерти кои ќе бидат прифатени без гласање и истите ќе бидат поканети да дадат изјава пред комисијата. Штом сите личности ќе дадат изјава, пратеничките групи ќе можат да предложат нови листи со сведоци и/или експерти.
Врз основа на наодите, со Предлог-одлуката се предлага анкетната комисија да изготви и на Собранието да му поднесе извештај најдоцна еден месец по завршување со работа на Анкетната комисија.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа формирање анкетна комисија за случајот со Онкологија откако во јавноста излегоа информации за злоупотреби со биолошката терапија за онколошките пациенти и нејзино продавање за што веќе има отворено истрага.
Во образложението на барањето, тие наведуваат дека Предлогот на Одлука за формирање на оваа Анкетна комисија ја поднесуваат поради скандалозната афера која што се случи на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиологија и онкологија.