Фискални манипулации и трошење државен капитал под маска на општествена одговорност
Власта секој ден наоѓа нови начини за манипулирање со своите граѓани. Последната манипулација беше фалењето дека од државниот буџет не платиле 5 милиони евра за прославата на 35-годишнината од независноста, туку целиот износ го платила Државна лотарија на Македонија АД Скопје, како општествено одговорна компанија. Веднаш да кажеме дека Државна лотарија е акционерско друштво во целосна, 100% сопственост на државата како нејзин единствен акционер. По директива веднаш се огласија и од Државна лотарија за да потврдат дека исплатиле 300 милиони денари од нераспределената добивка за 2024 година.
Да видиме како функционира овој механизам и каде се крие измамата и манипулацијата со јавноста. Прво, нераспределената добивка од 2024 година денеска, во 2026 година, не се појавува никаде во сметководствените книги и не значи ништо. Во текот на 2024 година Државна лотарија остварила нето добивка за годината. Дел од неа се распределува како дивиденда на акционерите (во овој случај на државниот буџет), а делот што останува во компанијата нераспределен се додава на акумулираната добивка (или ја намалува пренесената загуба), која се пренесува од година во година. Акумулираната добивка претставува една од трите компоненти на капиталот, заедно со основната главнина (уплатениот акционерски капитал) и резервите. Со други зборови, дури и делот што не бил исплатен како дивиденда останува државен капитал во компанијата.
Во моментот кога Државна лотарија од својата жиро-сметка им уплатила пари на пеачите и организаторот, во сметководствените книги тоа се евидентира како трошок, односно расход. Во овој случај, тоа не е трошок на работењето, туку чист расход, непродуктивно фрлени пари што немаат никаква врска со работењето на компанијата.
На крајот од годината, кога се нетираат приходите и расходите, овој расход ја намалува нето добивката за годината, а може дури да направи и нето загуба. Нето добивката потоа се додава на акумулираната добивка. Во секој случај, секој расход директно се одразува на акумулираната добивка, а со тоа и капиталот, како нивно намалување. Ефектот врз Државна лотарија е ист како да исплатиле дивиденда на сопственикот (државниот буџет) и со тоа да го намалиле капиталот. По добивањето на дивидендата, државата од Буџетот можела потоа да ја плати прославата. Тоа би бил правилниот и логичен начин, за да се знае кој со што се занимава и на што троши пари.
Тоа што Државна лотарија исплатила пари директно и ја прескокнала исплатата на дивиденда укажува на сомнителни, односно манипулативни мотиви на власта, чија цел била да ги изманипулира, односно измами граѓаните за наводно штедење буџетски пари, иако и на овој начин се потрошени државни пари, бидејќи се исплатени од капиталот (акумулираната добивка) во сопственост на државата. Освен манипулативната намера кон граѓаните, заобиколени се и буџетските правила.
Доколку парите се префрлеа како дивиденда во Буџетот, за нивно трошење ќе мораа да се испочитуваат сите буџетски правила. Трошокот ќе мораше да биде јавно внесен во Буџетот на Владата под соодветна ставка за прослави и манифестации, каде што ќе беше директно видлив за сите пратеници и за јавноста. Владата, односно соодветното министерство ќе мораше да спроведе транспарентна постапка за јавна набавка со јасни критериуми и рокови. Тогаш прашањето за тоа зошто Владата троши 5 милиони евра за забава покрај толку други приоритети ќе беше упатено директно до премиерот, а тие сакаа по секоја цена да го избегнат тоа.
Покрај буџетските правила, со овој маневар директно се заобиколува и Законот за јавни набавки, бидејќи Државна лотарија како државно АД мораше транспарентно да ги избере изведувачите и организаторите. Со ваквата итна директна исплата се создава оправдан сомнеж за избегнување на задолжителните законски проверки за трошење јавни пари.
Со овој пристап се покажа дека Лотарија на Македонија не се третира како самостоен деловен субјект кој инвестира во сопствениот развој или ги штити интересите на акционерот (државата), туку како квази-буџетски фонд или паралелна сметка на Владата за трошоци што не е згодно да поминат низ редовната буџетска процедура. Овие 5 милиони евра наместо за ноќна забава можеа да останат во капиталот на компанијата за нејзин развој или да влезат во Буџетот за изградба на училишта, болници и патишта. Со нивното трајно одлевање, граѓаните се директно оштетени за 300 милиони денари кои можеа да послужат за реални и вистински потребни капитални инвестиции. Можеа, на пример, да се изградат 5 покриени базени по градовите. Наместо тоа, парите се бесмислено потрошени во една ноќ.
За жал, сето ова ќе помине неказнето, бидејќи исплатата на парите е покриена со одлуки на Одборот на директори кој го именува Владата. Но, тоа што е легално, не значи и дека е легитимно, туку ги открива манипулативните цели на главните протагонисти. Дури и кога постои формална покриеност со одлука на управните органи, ваквиот директен одлив на јавен капитал отвора основа за сомнеж за несовесно работење во службата и злоупотреба на службената положба.
Формалната процедурална покриеност не смее да биде оправдување за нанесување директна штета врз државниот имот. Тие што требало да се грижат за домаќинското работење на компанијата, сами направиле недомаќинска постапка, заради политички манипулативни цели. Освен тоа, не знаеме ни дали финансирањето на оваа прослава била предвидена со годишниот план за работа или програмата за спонзорства, па е можно и тука да било постапено противзаконски.
Кај нас редовно не се гони за вакви постапки, а освен тоа, можат сé да покријат со одлуки и од црното да направат бело. Токму затоа треба да се внимава кој се поставува на раководни позиции, затоа што, како што вели една турска поговорка, домашен арамија е поголем од кадија. За жал, кај нас наместо луѓе со највисок интегритет преку партија се поставуваат поводливи луѓе кои само послушно ќе извршуваат наредби за своите партиски газди
Автор Дејан Трајковски колумна на фб






