Стефковски: Ниту една закана нема да ме заплаши, јас компромис со закон нема да правам
Оваа ситуација што се случи е многу непријатна, јас јавно мораше да се изјаснам бидејќи дел од медиумите јавно ги споделија информациите кои што беа во дневниот билтен на МВР. Дел од медиумите и ме контактираа“, истакна Бобан Стефковски, градоначалник на Гази Баба во гостување во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија говорејќи за немилиот настан што се случи и за постојаните закани од одредени лица.
Градоначалникот на општина Гази Баба нагласи дека нема ниту една закана да го заплаши, бидејќи компромис со закон нема да прави.
Уште кога се кандидирав за градоначалник на општина Гази Баба излегов пред граѓаните и многу јасно и прецизно кажав дека компромис со закони нема да правам. И од првиот ден кога ја практикувам должноста градоначалник, тоа го докажувам и во пракса“, потсети Стефковски.
Тој посочи дека некаде на почетокот месец август имаше пријава од граѓаните дека на една локација во Инџиково се гради одредена градба. И за таа цел инспекторите, секторот за инспекциски работи излегоа на терен да ја утврдат фактичката состојба. И утврдија дека се работи за земјиште кое е сопственост на Република Македонија, на таа локација е започната градба, а ги нема предвидените документи за градба, а нема ниту сопственост лицето кое што гради.
„Таа градба беше затворена од страна на градежен инспектор и сл. Меѓутоа во континуитет истото лице продолжи да гради до оној момент до кога не беше урната. И првиот момент кога на лицето му беше укажано дека има забрана за да почне да гради, тогаш започнаа заканите кон мене. Тоа некаде како што соопштив на почетокот на месецот август и тие беа континуирани до седми септември“, рече градоначалникот на општина Гази Баба.
Стефковски рече дека оваа дивоградба нема да биде единствена што се сруши, сите објекти кои што нелегално се изградени ќе ги чека истата судбина. Компромис со закон нема.