Што има во доказите против Груби и Бајрами? Над 200 списи за Владата, Лотарија и набавката на терминали, но ниту еден разговор или порака


Над 200 списи се изведуваат како материјални докази во судницата на Основниот кривичен суд Скопје во предметот „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и поранешниот генерален директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами.

Обвинителството преку обемната документација се обидува да ги докаже наводите од обвинението за начинот на кој биле носени одлуките за самостојно приредување електронски игри на среќа и за набавката на видеолотариски терминали.

Во досегашниот тек од изведувањето на материјалните докази не беше презентиран разговор, СМС-порака, електронска преписка, запис за средба или директна насока меѓу Груби и Бајрами што сама по себе би укажувала на нивна меѓусебна координација. Обвинителството, сепак, обвинението го темели на низа дејствија и одлуки што, според неговата теза, обвинетите ги преземале од функциите што ги извршувале. Според обвинителниот акт, на Груби му се става на товар и неговата улога на владината седница од 6 јуни 2023 година.

Токму при изведувањето на доказите поврзани со одлуките и заклучоците од оваа седница, со која претседавал Груби, поранешниот вицепремиер побара збор и реагираше. Судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски му посочи дека својот став ќе може да го изнесе во понатамошниот тек на судската постапка.

Меѓу документите што денеска ги презентира Обвинителството се материјали за основањето на заедничкото друштво на Државната лотарија со странски партнер, договорите за заедничко вложување со „Касинос Австрија“, владини документи и финансиска документација за набавката на видеолотариските терминали.

Презентирано беше и известување од странскиот содружник до Владата од 2022 година, во кое било отворено прашањето за правото на приредување електронски игри на среќа. Според тезата на Обвинителството, ова право уште во 2013 година било внесено како непаричен влог при основањето на заедничкото друштво, поради што Државната лотарија не можела потоа самостојно да располага со него. Токму ова е едно од клучните прашања околу кои се судираат тезите на Обвинителството и одбраната.

Пред судот се читаа и Програмата за работа на Државната лотарија за 2023 година, проценката за вредноста и исплатливоста на вложувањето во ВЛТ-терминали, како и информацијата доставена до Генералниот секретаријат на Владата за самостојно приредување електронски игри на среќа.

Значаен дел од доказите се однесуваат токму на 158. владина седница од 6 јуни 2023 година. Се изведуваат предлог-дневниот ред, стенографските белешки, записниците, заклучоците и одлуките, како и мислењето на Министерството за финансии.

Обвинителството приложи и банкарска и финансиска документација – девизни налози, банкарски изводи, аналитички картички за економските оператори и документи за фактурирањето, испораката и плаќањето на набавената опрема.
Според обвинителот, со овие документи треба да се утврди каква стока била испорачана, во кои количини и по кои цени, како биле фактурирани набавките и на кој начин Државната лотарија ги извршувала плаќањата за видеолотариските терминали.

Одбраната, пак, има спротивна теза.

Адвокатот Јордан Апостолски, бранител на обвинетиот Бојан Јанев, оцени дека досега изведените докази не го потврдуваат обвинението, туку, според него, покажуваат дека членовите на Надзорниот одбор постапувале со претходна согласност и по насоки од Владата.

Тој тврди и дека Државната лотарија имала законска можност самостојно да приредува игри на среќа, што е спротивно на тезата на Обвинителството.

Во предметот, покрај Бајрами и Груби, обвинети се Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авди. Обвинителството ги товари дека во текот на 2023 и 2024 година, од позициите што ги извршувале, преземале меѓусебно поврзани дејствија со кои ги пречекориле своите овластувања. Сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судскиот процес го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски. објави Скопје1.мк

Back to top button
Close