Сите премини кон Бањска и натаму блокирани – се проверуваат и верниците во манастирот дали имало помагачи за инцидентот на Косово

Ден откако група Срби се обиде да го блокира патот во селото Бањска на Косово, и дојде до вооружен конфликт во кој загинаа тројца напаѓачи и еден припадник на косовската полиција, сите приоди кон Бањска се уште се блокирани од силни полициски сили, а околу селото се распоредени голем број полицајци со оклопни возила. Безбедносната состојба и натаму е тензична. Уапсени се шестмина напаѓачи, на кои им е одреден притвор од 48 часа, а се сомничат за кривично дело – тероризам, а во текот на ноќта уапсен е уште еден напаѓач.

Доцна синоќа продолжи акцијата на косовската полиција за пронаоѓање останатите од групата која изврши напад врз косовските полициски службеници, а која според косовското Министерство за внатрешни работи броела 30 лица, маскирани и во униформи, и вооружени со тешко оружје. Рации се извршени на одредени локации, стамбени згради и возила, како и во возилата околу манастирот во селото Бањска. Според првите информации пронајдени се стотици парчиња оружје, униформи и логистичка опрема, меѓу кои и гранати, пиштоли, митралези, калашникови, зољи и друго оружје од тежок калибар. Денеска се проверуваат и верниците од манастирот Бањска, за да се утврди дали меѓу нив имало помагачи.

Трупите на КФОР и Еулекс се уште се во состојба на готовност, а меѓународната заедница одигра голема улога во смирување на ситуацијата на терен. Посебно се разговараше и со Курти и со Вучиќ, а специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак вели дека инцидентот на северот на Косово е длабоко загрижувачки и е во спротивност со принципите на мирот и соработката.

Back to top button
Close