Жесток притисок во САД врз критичарите на Израел

Низ универзитетите на САД, во политичките кулоари, на работните места и на социјалните мрежи се забележуваат силни и огорчени реакции кон оние кои го осудуваат Израел за терористичките напади на Хамас викендов во кои загинаа стотици невини.

Некои групи и лица кои ја симпатизираат палестинската кауза индиректно го обвинуваат Израел за овие напади, наведувајќи дека политиката на земјата не им оставила ништо друго на Палестинците туку да применат насилство. Коментарите се појавуваат и деновиве откако се дозна дека Хамас извршил злосторства и грозоморни убиства на деца, жени и стари лица, во населбите во близина на границата со појасот Газа.

Многу од овие изјави беа пресретнати со жесток отпор од различни страни, вклучувајќи и еврејски групи и декани на универзитети. Повеќе директори на компании исто така влегоа во жешката дебата, некои дури повикаа дека нема да вработуваат студенти кои вината за нападот ја фрлаат врз Израел.

Некои прогресивни политичари и левичарски студентски организации ги повлекоа изјавите дека еврејската држава е виновна за насилството што започна викендов или ги отстранија нивните имиња од петиции што го осудуваат Израел.

 

Напнатата атмосфера ги фати во небрано и такви индивидуи како претседателката на Харвард Клаудин Геј, или демократската претставничка во Конгресот Александрија Окасио-Кортез, и многу студенти од американските колеџи кои вината за условите што довеле до нападите ја насочуваат кон Израел.

Така на пример, адвокатската фирма „Винстон и Штрон“ повлече понуда за работа на приправник кој студира на правниот факултет на Универзитет Њујорк откако студентот објавил статија во весник дека „Израел е целосно одговорен за овие страшни човечки загуби“.

– Коментарите се во продлабочен конфликт со вредностите на фирмата „Винстон и Штрон“. Соодветно, фирмата ја повлече понудата за работа на студентот по право – изјавија од оваа фирмата.

САД се еден од најголемите сојузници и заштитници на Израел, но кога се работи за израелско-палестинскиот конфликт во општеството постои јаз меѓу прогресивните демократи кои се критичари на израелската политика и третманот на Палестинците, и умерените демократи и републиканците.

Back to top button
Close