Лајен: Русија и Хамас се слични и сакаат да ги избришат Украина и Израел од картата, мора да ги заштитиме демократиите
Нашите демократии се под постојан системски напад од оние што ја мразат слободата бидејќи таа го загрозува нивното владеење, порача претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, во своето синоќешно обраќање во Институтот „Хадсон“ во Вашингтон.

Говорејќи за конфликтот на Блискиот Исток, но и за војната во Украина, која започна пред една и пол година, Лајен оцени дека Русија и милитантната група Хамас се слични и имаат иста суштина. Тие, според шефицата на ЕК, намерно бараат невини цивили меѓу кои и деца и бебиња за, како што вели, да ги убијат и да ги земаат како заложници.
„Ова е варварски начин на борба и ако ја оставиме без контрола, има потенцијал да се шири од Европа, преку Блискиот Исток и до Индопацификот. Решителноста на Западот секојдневно се тестира од оние кои бараат каква било слабост. Секој успех што ќе го постигнат, ќе инспирира повеќе насилство насочено кон рушење на постојниот поредок, за чие создавање и одржување беа жртвувани толку многу животи на нашите континенти“порача Фон дер Лајен.
Кризите во Украина и на Блискиот Исток, вели претседателката на Европската комисија, ги повикуваат Европа и САД да заземат став и да застанат заедно.
„Владимир Путин сака да ја избрише Украина од картата. Хамас, поддржан од Иран, сака да го избрише Израел од картата. Мора да ги заштитиме демократиите. Ова време на војна истовремено мора да биде и време на непопустлива дипломатија. Тоа е заеднички американски и европски интерес. Стремежот за свет во кој преовладува слободата е нашата заедничка судбина“додава шефицата на ЕК во своето обраќање во Институтот „Хадсон“ во Вашингтон.






