ЕУ ги продолжи санкциите кон Исламската држава и Ал Каеда за уште една година
Советот за надворешни работи на ЕУ денеска донесе одлука за продолжување на постојните рестриктивни мерки кон терористичките групи Исламска држава и Ал Каеда, како и кон физички и правни лица, организации, компании и субјекти поврзани со нив, за уште една година до 31 октомври 2024 година.
Во моментов, како што јави дописникот на МИА од Брисел, овие санкции се однесува на 14 поединци и пет ентитети.
Со мерките, на санкционираните им е замрзнат имотот во ЕУ, а на лица и субјекти од Унијата им е забрането да им ставаат на располагање средства, финансии или какви било економски ресурси. Дополнително, на физичките лица им е забранет влез на територијата на Унијата.
Како што посочи ЕУ, овие автономни рестриктивни мерки се комплементарни со оние воведени кон Исламската држава и Ал Каеда од страна на Советот за безбедност на ОН.
– ЕУ останува посветена на дејствување против оние кои го загрозуваат меѓународниот мир и безбедност преку планирање, финансирање и извршување терористички напади и со ширење терористичка пропаганда на глобално ниво, се додава во одлуката.
Дополнително, Советот за уште година, до 31 октомври 2024, ги продолжи и рестриктивните мерки воведени кон едно лице поради ситуацијата во Бурунди.
На назначеното лице му е замрзнат имотот во ЕУ и му е забранет влез или транзит низ земјите членки на Унијата, а на граѓани и компаниите од блокот им е забрането да му ставаат средства на располагање.
– ЕУ постојано ги разгледува случувањата во Бурунди и може да одлучи да го измени режимот на санкции или списокот на лица, ентитети и тела кои подлежат на рестриктивни мерки врз основа на случувањата на теренот, се посочува во соопштението.
Првите санкции поради настаните во оваа африканска земја, ЕУ ги воведе во 2015 година, кога предмет на рестриктивни мерки станаа четири лица одговорни за поткопување на демократијата или попречување на изнаоѓањето политичко решение за кризата во Бурунди, како и за планирање, насочување или извршување активности со кои се кршат човековите права и меѓународното хуманитарно право во државата.
На 25 октомври 2022 година, Советот од списокот отстрани три санкционирани лица, а мерките кон четвртото ги продолжи за една година.