Повеќе од 19.000 луѓе се раселени во Либан поради конфликтот на границата со Израел

Повеќе од 19.000 луѓе се раселени во Либан поради ескалацијата на конфликтот меѓу израелската армија и либански Хезболах на границата меѓу двете земји, соопшти денеска агенција на ОН.

„Зголемувањето на прекуграничните инциденти доведе до раселување на 19.646 луѓе во јужен Либан и во други делови на земјата“, се наведува во извештајот на Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

– Се очекува бројот на раселените жители да се зголеми доколку прекуграничната тензија не стивне или во случај на ескалација на насилството, изјави портпаролот на ИОМ, Мухамедали Абунаџела.

Од почетокот на војната предизвикана од нападот на палестинскиот исламски Хамас врз Израел на 7 октомври, судирите на израелско-либанската граница се речиси секојдневни и се стравува дека моќниот проирански Хезболах може да отвори нов фронт од Либан.

Во нападот на Хамас врз Израел загинаа најмалку 1.400 луѓе, главно цивили, а израелските одмазднички бомбардирања убија повеќе од 5.000 Палестинци, меѓу кои и повеќе од 2.000 деца.

На жителите на десетици населби во северен Израел, кои се соочуваат со напади од Либан, им е наредено да се евакуираат.

Back to top button
Close