Петровска за аферата со сексуално вознемирување: За ваков наводен скандал до овој момент не сум известена


Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека до неа нема пристигнато никакви писмени поднесоци со кои ќе се потврди скандалот со сексуално вознемирување на офицерки во Армијата, а за кој денеска од собраниската сала говореше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

„За ваков наводен скандал за кој денеска праша пратеникот Ковачки и кој прашањето го упати до претседателот на Владата, иако јас бев присутна за сето време на одржувањето на пратеничките прашања, за таква афера до овој момент јас официјално не сум известена. До мене како министерка за одбрана не се пристигнати никакви писмени поднесоци со кои ќе се потврди таков наводен скандал дека постои“,

рече Петровска во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.
На прашањето од каде се информациите кои ги изнесе пратеникот, Петровска рече дека тој ќе треба да си го провери изворот колку е веродостоен или, пак, како што рече, свесно го втурнуваат во некој десинформационен круг.

„Веројатно се од истиот извор кој му ги дал документите дека јас поседувам хациенда или од истиот тој кој го натера пред неколку месеци и на собраниската говорница и на неговите социјални мрежи да напише ‘припадници на военото разузнавање биле уапсени во Косово’. Кога на пратенички прашања ми беше поставено прашањето јас го покажав документот официјален од косовските власти и од КФОР со кој се потврдува дека таков инцидент не се случил. Веројатно информациите му се од истите тие кои досега му ги сервираат сите лаги и шпекулации кои изминатиот период се обидува да ги пласира“,рече Петровска.

Back to top button
Close