Борел: Договорот со Курти и Вучиќ не беше можен бидејќи предусловите на едната страна беа неприфатливи за другата

Неколкучасовните одвоени разговори меѓу косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ со европските претставници во Брисел завршија без договор.

Борел по средбите со Вучиќ и Курти изјави дека дијалогот е единствениот начин да се дојде до решение и дека од тоа зависи европскиот пат на двете страни.

„Работата е во тек. Можеби ќе треба да го напуштам самитот на ЕУ за повторно да се сретнам со лидерите на Косово и Србија за да видиме дали можеме да најдеме решение преку дијалог. Друго решение нема. Европскиот пат на Косово и Србија минува низ овој дијалог“изјави Борел за новинарите по пристигнувањето на состанокот на лидерите на Унијата и нејзините членки.

Дипломатски извори за регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) изјавиле дека Шолц, Макрон и Мелони, како и Борел, изразиле подготвеност привремено да го напуштат самитот на ЕУ и да се вратат на разговорите со Вучиќ и Курти доколку нивното присуство придонесе за напорите.

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел денеска изјави дека деескалација и нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина е од суштинско значење.

„Со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел и колегите од ЕУ, имав средба со премиерот на Косово, Албин Курти, а потоа и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Деескалација и нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина е од суштинско значење“ напиша Мишел на платформата Икс.

Тој изјави дека очекува Европската комисија дополнително да разговара на таа тема.

Борел вели дека тема на дискусијата во Брисел е новиот предлог за статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово.

„Страните не беа подготвени да се договорат за ова без предуслови, кои се неприфатливи за другата страна. На крајот, бараме од страните искрено да се вклучат во процесот на нормализација“ рече Борел, пренесува РСЕ.

Тој додаде дека тоа „може да се направи само во рамките на дијалогот бидејќи тоа е единствениот начин за напредок на европскиот пат“.

„Ќе продолжиме да инсистираме и да работиме на постигнување договор. Но, денеска, за жал, тоа не беше можно без, како што рекоа, предуслови од секоја страна кои беа неприфатливи за другата страна“ изјави Борел.

Во соопштението на Владата на Косово се наведува дека Вучиќ „одбил да го потпише договорот со Косово и побарал да го прифати пропратното писмо со кое практично се укинуваат трите принципи на Основниот договор, Анексот за имплементација, како и нацрт предложен од петторката на 21 октомври“.

Во соопштението се додава дека „само потписот значи прифаќање и гарантира имплементација“.

Членот 7 од Основниот договор, за кој Курти тврди дека е подготвен да го потпише, се однесува на формирање на Заедница на општини со српско мнозинство на Косово.

Советникот на Курти, Јетон Зулфај, за мрежата „Икс“ потврди дека косовската страна го прифатила предлогот за статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство.

„Денеска премиерот Албин Курти понуди да го потпише Договорот по трет пат, но Вучиќ одби. Јасно е дека Србија не сака нормализација на односите со Косово, ниту самоуправување за косовските Срби“ се вели во објавата.

Албин Курти по средбите во Брисел изјави дека по вооружениот конфликт на 24 септември во Бањска „негов приоритет е безбедноста на Косово, со акцент на граничниот премин со Србија“, тврдејќи дека „од другата страна пристигнале паравојски со терористички и криминален напад во кој беа убиени и повредени косовски полицајци“.

„За да не се повтори ова, на Србија и се потребни санкции и казни“рекол Курти.

По средбата во Брисел, Вучиќ изјави дека Србија сака да ги спроведе сите договори потпишани со властите во Косово и нагласи дека на средбите во Брисел немало прашања за потпишување на нешто ново, туку за спроведување на веќе постоечките и договорени договори.

Вучиќ очекува тешки средби во Брисел, тврди дека Србија е подготвена да разговара

Тој рече дека на 21 октомври во Белград, кога се сретнал со „големата петорка“, добил хартија што е „добра основа за иднината“.

Како што додаде, тој труд се однесува исклучиво на формирање на Заедница на општини со српско мнозинство, но дека не може да зборува за детали.

Вучиќ додаде дека Србија е „подготвена“ за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство, но дека не прифаќа членство на Косово во меѓународни организации или независност на Косово.

„Отсекогаш нагласувавме само едно, секогаш повторувавме дека Србија не може да прифати членство на Косово во ОН, ниту независност на Косово. Во предлогот што го добивме во Белград на 21 октомври го изразивме нашето верување дека тоа е добра основа за продолжување на работата во иднина, единствената резерва се однесува на членството на Косово во ОН, независноста на Косово“рече Вучиќ по средбата.

Back to top button
Close