ВИДЕО: На Јабланица оперираат дрвосечачи од Албанија без дозволи за работа и престој

Недела, 10 септември. Неработен ден за најголем дел од населението во државата. Но, не и за дрвосечачи донесени од соседна Албанија да сечат дрвја на Јабланица.

Со помош на членовите на здружението „Натуралаб“ тргнaваме од Лабуништа во внатрешноста на Јабланица за да ги пресретнеме овие работницци во нелегална сеча на шумата. Асфалтираниот пат преминува во тешко достапен планински пат, кој според жителите на Лабуништа е пробиен со багер од дрвокрадците. По него е можно движење единствено со џип или со камион.

Попат застануваме за членовите на „Натуралаб“ да ни го покажат една од локациите на кои е направен масакар на дрвjата. На нив не се гледа дека се маркирани за сечење, а дел од местата на кои се сечени дрвја се замаскирани со гранки, за да не се гледаат. Секое дрво, за кое е дозволено да биде пресечено, треба странично да биде засечено и на него да има печат.

Жителите на Лабуништа ни покажуваат каде порано имало река и дека изворите почнале да им пресушуваат поради сечењето на дрвјата.

„Ваму имаме проект изработен, каде што има извори горе. Сечава се случува баш во изворите каде што ни е проектов обработен. И гледајте водава колку ни е намалена од овааа дива сеча“, покажува Азис Мемедовски, член на здружението „Натура лаб“.

Водата скоро и да ја нема. „Се изгуби“, вели Мемедовски. „Гледам дека ја нема. Не се изгуби. Ова е ништо“, му одговара снимателот.

Прашавме експерти во Скопје дали водата се губи во долните слоеви и почвата се суши со неконтролираната сеча?

„Помеѓу другите, условно кажано општокорисни услови што ги создава или функции што ги има шумата е регулирање на водниот режим во почвата. Коренот ја црпи водата, намалување на испарувањето поради крошните, кои не само што одржуваат сенка, туку и не дозволуваат дување на ветер во приземниот дел, евапорација – зголемуваат влажност во зоната на крошната и се намалува испарувањето – сето тоа кога ќе го соберете шумата игра регулатор на подземните води“, објаснува проф. д-р Никола Николов од Шумарскиот факултет.

„Шумите имаат огромна функција во однос на режимот на водите. Шумската вегетација ги чува подземните води и исто така постоењето на шумската вегетација влијае врз појавата на поројните водотеци, односно за намалување на опасноста од поројните водотеци“, додава Саша Јовановиќ, раководител на секторот за шумарство во Министерството за земјоделие.

Продолжуваме до место на планината Јабланица, од каде се обидовме да слушнеме дали моторните пили работат. Но, тие не се слушаа.

По пат, членовите на „Натуралаб“ препознаа возило и се посомневаа дека на работниците им е дојавено дека доаѓаме. И така излезе. Тие заминале пред да пристигнеме, но видовме што оставиле зад себе. Шишиња со вода, отворени канти за гориво, отпад, но и подготвено гориво за следниот ден.

Оштетено возило, кое изгледа како одамна да му е поминат векот на употреба, се користело за транспорт на исечени дрва. Во негова близина беше паркиран и багерот, со кој се пробивале патишта за транспорт на исечените дрва. На места тие патишта на средината се со длабоки бразди. Свежи траги во земјата покажуваа дека багерот бил скоро повторно користен. Дека дента таму се сечело се гледаше и по трупците дрва и тоа што останало зад нив. И тука покриени корени од дрвја за да се прикрие дека се сечени без печат.

„Значи, овде не врши никој контрола на сечата. Се сечи нерегулирано во шумава. Можете и сами да се уверите и да видите дека во ова подрачје никој не контролира и се прави пустошење на шумата. Гледате и сами колку е исечено. Огромна површина е исечена во овие последни две-три години. Значи, тотално е испустошена шумата на овој дел од Јабланица“, објаснува Азис Мехмедовски, член во здружението „Натуралаб“ од Лабуништа. „Еве ние денес немавме можност да ги затекнеме на лице место. Но, кој ја сече шумата“, го прашавме Мехмедовски. „Така. Значи ова е организирано со шумското претпријатие во Струга и некои фирми од Велешта, коишто имаат работници пред сѐ од соседната држава Албанија. Полицијата им има направено неколку пати акции, но пак луѓево не престануваат со овие пустошења на шумава“, додава Мехмедовски.

„Имаме голема бесправна сеча од страна на неколку лица – како физички лица, така и правни лица, кои доаѓаат организирано со помош на Македонски шуми, дирекција Струга и вршат бесправна сеча, пустошење со сеча и тоа континуирано цела сезона“, објаснува м-р Алија Ќазими, правник во здружението „Натуралаб“ во Лабуништа.

 

Злоупотреби и на дозволи и на закони

Активистите тврдат дека во минатото дозволите за сечење дрвја се злоупотребувале и во реалноста се сечело повеќе од тоа што стоело на хартија. При сечење на дрвјата во шумите може да се случи некое од нив да падне и да оштети друго дрво, кое не било планирано за сеча. Поради опасност тоа дрво да падне и повреди луѓе, смее да се исече и потоа се информираат шумските инспектори, кои треба да стават дополнително печат на исеченото дрво, ни објаснија во Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство. Но, очигледно е дека таквата можност остава простор за манипулација. Документиравме со снимки на кои се гледа дека додека младите стебла стојат исправени, постарите и подебелите се исечени. Тие не беа обележани за сечење и немаа печат врз пресеченото стебло, додека други имаа.

„Сечата, оголувањето на шумата е веќе поголемо, бидејќи истите тие кои сечеле порано, претходно сечеле во мали размери, бидејќи немале толку голема клиентела, но со самото продавање на тие црни дрва, кои ги продавале претходно, фатиле веројатно некој поголем канал на продажба и врз основа на тоа се врши, можеме да речеме до трипати повеќе, во поголеми размери бесправна сеча на шумата“, вели м-р Алија Ќазими, правник во здружението „Натуралаб“ во Лабуништа.

„И каде завршуваат овие дрва? Дали можеби знаете каде се продаваат“, го прашавме Азис Мехмедовски. „Па, дрвата ги извезуваат од Лабуништа. Сигурно е дека за населението во Лабуништа не се овие дрва“, вели Мехмедовски.

Под извезуваат од селото жителите на Лабуништа подразбираат продавање на дрвата во други градови низ државата.

„На црниот пазар дрвата се движат, според наше сознание, од 65 до 75 евра на кубен метар. При што по некогаш, во зависност од сезоната, кога ќе дојде при крајот на сезоната – да рчееме во предзимскиот период, ако некој не се снабдил со дрва, некогаш знаат да ги накачат на 100. А, доколку се работи за пазар надвор од границите на општина Струга, особено во Скопје, некогаш сумата се крева од 100 до 120 евра на метар кубен“, додава Ќазими.

 

Мал исход од бројните пријави

Кога човек е далеку од шумата не може да го забележи проблемот. Но, во неа, а посебно од птичја перспектива, тој е повеќе од очигледен. Снимајќи во Баловски лазови во реоните 99 и 100 наидовме на пат блокиран од трупци дрва. Тука правникот во здружението „Натура лаб“, кое со години со средства и сили на членовите се бори за заштита на Јабланица, ни објасни дека со години пријавувале во сите можни институции, но соодветна реакција немало.

„Имаме претпоставка дека започнува од шумарите, шумската полиција, ЈП Национални шуми – дирекција Струга, ЈП Национални шуми – дирекција Скопје, па сѐ до Обвинителството – ОЈО Струга. Ни се случи ние да дојдеме и да ги затечеме тие коишто вршат кражба, односно кривични дела, како што се пустошење на шума и кражба. Ги затекнавме, ги задржавме. Дојде Шумската полиција. Шумската полиција почнува со записник, но интересна работа е во тоа што Шумската полиција почнува да ги прикрива самите факти, врз основа на кои може да се докаже дека се вршела таа сеча“, сведочи м-р Ќазими.

Незадоволството кај активистите е големо од малиот исход на акциите во кои била направена заплена или биле затекнати албански државјани без работна дозвола.

„Тука беше и налогодавачот. Интересен случај е што СВР Струга, по спроведување на акцијата – нормално нам ни кажаа дека мора да бегаме од лице место, бидејќи тие треба да вршат записници и слично, истите лица од Албанија ги приведоа, другите лица ги оставија тука и механизацијата, која вие денес можевте да ја видите и да ја снимите. Истата механизација беше тука. Не беше допрена. Односно не беше земен ниту еден материјален доказ, со што се вршело кривичното дело. И така се заврши случајот. Се случило да има кривична пријава за одредени лица за бесправна сеча. Значи, со запленување дрва без жиг и сечени дрва, кои не се маркирани. Врз основа на тоа што се одзел камион ПМВ МАН, мислам имаше во конкретната ситуација, и истите се дадени со кривична пријава во Обвинителството. Имаме сознанија дека две недели по кривичната пријава, истите го вратиле МАН-от во своја сопственост“, објаснува м-р Ќазими.

Таква пресуда, во која се враќаат запленети 11 м3 дрва и камион можевме да видиме во една од институциите. Во пријавите се среќаваат повеќе лица со исти презимиња Бојку и Ќура и со исто место на живеење – Велешта. Две од овие лица се сопственици на фирми, кои во минатото имале дозволи за сеча со дотур, но во известување од ЈП Национални шуми од 27.03.2023 година до „Натуралаб“ стои дека нивните договори завршиле на 31.12. минатата година. Во мај оваа година, една од овие фирми склучува два договори за купување 200 м3 огревно дрво од Национални шуми и на 150м3 „дрвни сортименти покрај пенушка соборено“. Тоа е формулација за дрво што е оштетено од снег, ветар, градежни активности, но и оставено по сеча во шума. Договорите се за откуп, а не и за сечење на дрвјата.

 

Дрвосечачи од Албанија сместени во објект без прозорци

Но, на Јабланица се сече. Отидовме да прашаме – кој ја сече шумата? Најдовме албански државјани, кои се сместени во овој објект без прозорци, во кој се наоѓаа и самари и сено за коњите. Очигледно беше дека коњите се сместени во истиот објект. Наместо прозорци на отворите имаше најлони. Се претставивме дека снимаме и човекот на еден од прозорците доброволно зборуваше. Во текот на снимањето се случи звучна интерференција.

Што работите тука?

Со дрва. Имаме шефови. Не сме само ние.

Кој е Вашиот шеф?

И. Бојку.

Кој?

И.Бојку.

Колку Ве плаќаат?

Па, 40 евра на ден.

Човекот кажа и дека дозволата за престој и работа е кај неговиот шеф во Велешта. Но, помалку од еден месец од снимањето шефот беше уапсен заедно со еден нелегален дрвосечач од Албанија.

Откако институциите разбраа дека новинари истражуваат на темата, а здружението во коментар на Фејсбук пост на МВР напиша дека за континуираната, неконтролирана и незаконска сеча од големи размери на планината Јабланица е запознаен и министерот Оливер Спасовски, но дивеењето и пустошењето не запира, МВР спроведе акција на 04.10.2023 година. По неа медиумите беа информирани за акцијата:

„На 06.10.2023 година Одделението за внатрешни работи Струга поднесе кривична пријава против И.Б. (51) од струшкото село Велешта, против правен субјект од истото село како и против Н.Ф. (41) од Либражд, Република Албанија, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ‘кражба на дрва’ и ‘пустошење шуми’. (…) Истите извршиле бесправна сеча на 178 метри просторни букови дрва, сопственост на шумското стопанство ‘Јабланица’ во состав на ЈП ‘Национални шуми’ при што предизвикале материјална штета од 3.920.721 денар“.

Покрај дрвата, полицијата го нашла и багерот, пили, секрира и други предмети. Нема информација што се случило со коњите, коишто исто така ги снимивме. Основниот суд Струга нѐ информираше дека до крајот на септември оваа година, значи до пред октомвриската акција дека: „во оваа година нема ниту една пријава од Подружницата на шумското стопанство Јабланица Струга, односно ниту една не е со акцент на Јабланица“.

Од 2019 до крајот на септември 2023 година имало вкупно 75 пријави до судот во Струга во однос на нелегална сеча. Од нив, само 29 се осудителни мерки со казни. Другите се со ослободителни пресуди, осудителни со алтернативни мерки или со други мерки. Судот во овие години водел и 10 постапки за нелегален престој на странски работници од Албанија.

Газдата Бојку имал врски во Албанија, преку кои носел луѓе во Македонија

Во септември на Јабланица снимивме и разговор со уште еден од работниците од Албанија, кој не сакаше да зборува пред камера и рече дека тие дента не сечеле дрва. Ни кажа дека тие само товарале дрва, а работниците што претходно сечеле – избегале.

„А, зошто избегале тие“, го прашавме работникот од Корча. „Така им било наложено. Ќе одат дома“, вели тој. „А, дали имаат често контрола овде? Дали чул дека има контрола?“ „Да, да“. „А, имало ли некогаш некои што биле собрани“, продолжуваме да го прашуваме работникот од Корча. „Да, да. Бегаа и ги земаа“, одговори тој. Зошто?“ „Останал само еден. Немал дозвола. Не знам, тоа го слушнав“, вели тој. „А, овие сите колеги сега имаат дозвола, така?“ „Да, да. Газдата ја има дозволата“. „А, како ги најде газдата нив“, прашавме дополнително. „Газдата има врски таму и нѐ донесе овде“, вели работникот од Корча.

МВР нѐ информираше дека од 2019 до септември 2023 година открило 12 странски државјани, кои нелегално престојувале и се движеле на планината Јабланица. Овие албански државјани добиле забрана за влез во земјата. Во допис до здружението „Натуралаб“, МВР открива дека шест од тие 12 албански државјани се фатени само во една акција годинава.

„На ден 08.06.2023 година (…) на место викано Челов Камен биле затекнати шест лица, албански државјани, како извршувале физичка работа (…), кои не ги поседувале потребните документи за работа во РС Македонија и за истите е донесена пресуда од Основниот суд Струга“.

За шумите освен МВР се грижи и шумската полиција, која е дел од Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, како и јавното претпријатие Национални шуми. При контрола, доколку Шумската полиција констатира прекршок поднесува пријава до основен суд, а доколку констатира кривично дело тогаш поднесува пријава до оновно јавно обвинителство. Од 2010 до 2022 година, на територијата на цела држава, се поднесени 20.789 прекршочни пријави, а 2.570 пријави се поднесени до основно јавно обвинителство.

 

Казнената политика стимулира дрвокрадство

Во Шумската полиција сметаат дека казнената политика го стимулира дрвокрадството. Поради исходот од пријавите се критикува работата на судовите и обвинителствата. Не секогаш судовите ги обработувале прекршоците согласно Законот за шуми, каде што казнените одредби се од 3.500 до 4.000 евра за физички лица, туку ги казнуваале според Законот за прекршоци, каде казнените одредби се многу мали: од 100 до 500 евра. Во многу мал процент се решавале и кривичните пријави до основните јавни обинитества. Според Шумската полиција, судиите требале да казнуваат со затворски казни, според Кривичниот законик.

Во Шумската полиција се свесни дека од една страна нивните вработени добиваат закани, напади, им биле разлабавени тркала или пресечено црево за кочници за да направат сообраќајна несреќа, но од друга страна потврдуваат дека покрај лица од други институции, во овој криминаал се инволвирани и лица од своите редови. Откриените вработени вмешани во дрвокрадство биле отпуштени од работа.

И во третата институција, која се бори против дрвокрадците – ЈП Национални шуми, потврдуваат дека кражбата на дрва е масовен феномен.

„Според нашите податоци, на годишно ниво, исечена дрвна маса или она што ние го запленуваме, е некаде околу 35.000 кубни метри. И ова е штета која сме ја нашле ние во шумата испосечена и сме ја заплениле. Има и друга која не сме ја нашле. Според официјалните податоци, она што го имаме како податок и го доставуваме до сите институции, од јануари до јуни 2023 година одземени се околу 11.000 кубни метри дрва нелегално испосечено во шумите во Македонија. Од јануари до јуни 2023 нашата шумочуварска служба поднела, во зависност од количината којашто ја нашле, околу 130 прекршочни пријави и 40 кривични пријави. Така што, тоа се отприлика случаи коишто постојано ги имаме и редовно се случуваат. Да не речам дека секојдневно имаме, меѓутоа сигурно на два или три дена имаме таков случај, за што како претпријатие соодветно известуваме и на нашите социјални мрежи, кадешто поставуваме и слики, што е откриено и каде е најдено“, вели Валентин Груевски, директор на ЈП Национални шуми.

Додека директорот ги покажува сликите од запленетите дрва, објаснува дека дрвокрадците нив ги транспортираат со возила чија пазарна вредност е сто евра. Таквите стари и скоро неупотребливи возила се оставаат при бегство и така загубата за дрвокрадците е мала. Најголема нелегална сеча регистрирале во западниот дел од државата, а како црни точки можат да се посочат неколку места.

„Од она што ние го откриваме и од она што ние го имаме како податоци има неколку места каде што најмногу откриваме посечено дрво, меѓутоа тоа не значи дека на другите места нема, не се краде и дека нема дрвна маса што се сече. Според подружниците кои ги имаме, „Караџица“ Скопје, „Црн Бор“ во Прилеп, „Лопушник“ во Кичево и Струга се можеби четирите точки на кои најмногу се евидентира ваквата бесправна сеча“, објаснува Груевски.

Во германската фондација „ЕуроНатур“ имале искуство со македонски политичари, кои блокирале и не сакале подобрување на состојбата со шумите. Директорот на фондацијата бара македонските власти да најдат пари во буџетот за финансирање на националните паркови, бидејќи парковите се оставени сами на себе да се снаоѓаат и сами да се финансираат.

„Мислам дека постои клучно прашање за националните паркови во Северна Македонија, а тоа е дека управувањето со националниот парк треба да биде самофинансирано. И ние мислиме дека ова е погрешно. Па ако…

– Што е погрешно? Дека не е финансирано од државата?

Да. Сметаме дека треба да има буџетски удел од националниот буџет за управување со заштитените подрачја. Сега управата на националниот парк е во непријатна ситуација, затоа што тие мора да заработуваат свои пари“, вели Габриел Швадерер, директор на германската фондација од „ЕуроНатур“. „Имавме многу добра соработка со некои луѓе во владата, во локалните власти и со други имавме впечаток дека тие повеќе блокираат и дека навистина не се заинтересирани за подобрување. Многу сме среќни поради прогласувањето на Шар Планина за национален парк, но не забораваме и дека ова беше многу долга приказна. И Јабланица – предлагавме заедно со Македонското еколошко друштво пред 20 години национален парк. Така што не сме среќни што тоа сега заврши со мал споменик на природата околу изворите во Вевчани. Но, колку што слушнавме, има позитивна поддршка за проширување и подобрување на заштитата таму“, додава Швадерер од „ЕуроНатур“.

Жителите на Лабуништа тврдат дека шест камиони дневно со по 25 м3 дрва, или вкупно 150 м3 дрва дневно се изнесуваале од Јабланица и тоа во текот на 10 месеци во годината. Така годишно од планината се изнесувале по 45.000 м3 дрва. Според нив, тоа е спротивно на намерата Јабланица да се прогласи за национален парк.

„Од една страна имаме иницијатива за Национален парк, а од друга страна ги губиме вредностите поради кои треба да се прогласиме за национален парк“, нагласува м-р Алија Ќазими.

На албанска страна од границата Шебеник е национален парк од 2008 година. Во Лабуништа велат дека откако лицето Бојку добило пријава во октомвриската акција, на Јабланица се вратило лицето Ќура, за кое МВР ни потврди дека полицијата во 2021 и во 2022 година има поднесено кривични пријави за нелегална сеча и пустошење на шуми. Лицето Бојку излегло од притвор со гаранција од 11.000 евра и мерки на претпазливост: редовно јавување во суд и забрана за издавање патна исправа.

Сликата на Јабланица е слика и за други шуми во Македонија. Обновата на една уништена шума трае неколку децении. Времето ќе покаже, колку од овие кревки шуми ќе преживеат.

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева

Овој текст и документарниот филм „Кревките шуми“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.

Извор: Видео: Кревките шуми – нота.мк (nota.mk)

 

Back to top button
Close