Црквата во Шпанија се извини за злоставувањата
Шпанската католичка црква денеска им се извини на жртвите на сексуална злоупотреба од страна на свештениците, но ја доведе во прашање точноста на новото истражување кое сугерира дека таквата злоупотреба е многу пораспространета во Шпанија отколку што покажаа претходните истраги.
Истражувањето, објавено во петокот во извештајот на шпанскиот омбудсман, покажа дека 0,6 отсто од возрасните Шпанци биле злоставувани. Тој број се зголемува на 1,1 отсто кога се вклучени лаици како што се наставниците во католичките училишта.
Извештајот не дава точна бројка, но повеќе од 200.000 малолетници можеби биле жртви на сексуална злоупотреба од страна на свештенството во Шпанија, според проценката објавена во петокот од независната истражна комисија на Католичката црква за педокриминал.
Бискупите денеска одржаа прес-конференција по вонредниот пленарен собир на кој го анализираа извештајот на јавниот бранител и изразија „болка поради штетата која некои припадници на црквата ја предизвикале со сексуални злоставувања“ и побараа прошка од жртвите.
Тие ги пофалија предлозите на Народниот правобранител како „вредни“, но изразија сомнеж во веродостојноста на резултатите од извештајот. Тие наведоа дека не е познато како е спроведено истражувањето и какви прашања биле поставени.
– Анкетата е нејасна, направена на таков начин да се дојде до нелогичен заклучок. Не го гледаме тоа како логично, рече претседателот на Конференцијата, кардиналот Хуан Хозе Омела.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека повеќе од еден од 200 Шпанци можеби бил злоставуван.
Народниот правобранител рече дека, иако ваквата екстраполација можеби не е точна, процентите даваат идеја „што може да значи во однос на севкупната злоупотреба“.
Црквата се соочи со скандали со сексуална злоупотреба во неколку земји во изминатите децении, вклучувајќи ги САД, Ирска и Франција. Но, прашањето се појави во јавна дебата во Шпанија, каде што околу 60 отсто од луѓето се идентификуваат како католици, по значајната медиумска истрага во 2021 година.
Народниот правобранител ја критикуваше Шпанската епископска конференција за недоволни напори во истрагите.
Внатрешната црковна истрага, објавена во јуни, идентификуваше 728 наводни сексуални злоставувачи меѓу шпанските свештеници и 927 жртви од 1940-тите. Ова уследи по извештајот во весникот Ел Паис во кој се идентификувани повеќе од 1.200 наводни случаи.
Во извештајот на Народниот правобранител се бара и формирање на државен фонд за обесштетување на жртвите. Владиците рекоа дека Црквата ќе биде подготвена да придонесе за таков фонд, но оти во него ќе мора да бидат вклучени општи образовни институции, спортски здруженија и други субјекти бидејќи злоставувањето не е ограничено само на Црквата.