,,Шеќерни луѓе“ на режисерката Сузана Диневски селектиран на десет меѓународни филмски фестивали
Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ во режија на Сузана Диневски – „Сузи Кју Продукција“ е селектиран на десет меѓународни филмски фестивали минатиот месец и во месец ноември.
Како што информираат од продукциската куќа, филмот се прикажа на четвртото издание на филмскиот фестивал за независни филмови што се одржа во Џакарта, Индонезија од 25 до 29 октомври, и на седмото издание на фестивалот „Петит план – Европа”, што се одржа во францускиот културен центар и Гете-институтот во Атина, Грција од 16 до 20 октомври.
„Шеќерни луѓе” е во официјална селекција и на 19-то издание на меѓународниот фестивал за жени во филм и телевизија што се одржува во Мексико сити, Мексико од 1 до 5 ноември, на 21-то издание на филмскиот фестивал „Меѓународно село”, во Апорија, Јужна Кореa од 2 до 6 ноември, на 16-то издание на меѓународниот фестивал Internacional de Cine de Oriente (FICO) од 3 до 6 ноември што се одржува во прекрасниот град Гуатапе, во регионот Антиокија во Колумбија, на 35-то издание на филмскиот фестивал во Жирона, во Каталонија, во Шпанија од 6 до 12 ноември, на 4-то издание на меѓународниот филмски фестивал „Портрет”, што се одржува во Софија, Бугарија од 9 до 19 ноември, каде филмот ќе има две проекции (во Софија и во Пловдив).
Филмот на Диневски ќе биде прикажан и на 10-то издание на филмскиот фестивал за кратки филмови во Гоа, Индија што се одржува од 20 до 28 ноември, на 7-то издание на филмскиот фестивал „Синалфама” во Лисабон, Португалија каде филмот е номиниран за најдобра актерска игра за Сара Климоска, на 17-то издание на меѓународниот филмски фестивал „Први кадар“ кој ќе се одржи од 20 до 24 ноември во источно Сараево и Зворник, Република Српска, Босна и Херцеговина, соопштија од „Сузи Кју Продукција“.
Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе” е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм и „Сузи Кју Продукција“, во кои главните улоги ги играат: Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески. Монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на постерот е Коста Лазаревски. Трејлерот за филмот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски, а автор на музиката компонирана за филмот е Дуке Бојаџиев.