МВР со детали: Уапсено лице од Мала Рачица што го поставило знамето на Албанија во манастирот на Попова Шапка
Триесет и тригодишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица е уапсен синоќа околу 23:30 часот откако полициски службеници го идентификувале дека два часа претходно го симнал знамето на МПЦ од манастирот на Попова Шапка и го заменил со албанското знаме.
„Полициски службеници на СВР Тетово вчеравечер околу 23:30 часот, по преземени оперативни мерки, го идентификувале и го лишиле од слобода 33-годишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица. Тој е осомничен дека два часа претходно од јарболот на манастирот ’Свети Наум Чудотворец’ на Попова Шапка, додека немало никој во верскиот објект, го симнал црковното знаме на МПЦ – Охридска архиепископија и на негово место го поставил знамето на Република Албанија“се вели во денешното полициско соопштение.
Од МВР велат дека по документирање на случајот против Ј.А., кој при симнувањето на црковното знаме бил со уште едно лице по кое се трага, ќе следува соодветен поднесок.
Случајот синоќа во тетовската полицијата го пријавил претседателот на Црковниот одбор на манастирот.
Настанот, во кој две маскирани лица го симнуваат знамето на Македонската православна црква – Охридска Архиеписопија (МПЦ-ОА) од јарболот во дворот на манастирскиот комплекс „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка и на негово место го поставуваат знамето на Албанија, е снимен од камерите од видео надзорот на манастирскиот комплекс.