Обид за кражба на автомобил на македонската амбасада во САД

Автомобил марка Киа регистриран на македонската амбасада во САД, бил цел на обид за кражба во Вашингтон, пред две ноќи.

Информацијата ја објави новинарот Алан Хени, кој е специјализиран за известување за криминал и црна хроника во Вашингтон.

Тој во објавата на Твитер напиша дека федералната тајна служба (задолжена за безбедност на дипломатите во Вашингтон и за испитување на кривични дела поврзани со дипломатите во САД) ја истражува кражбата при која е оштетен системот за палење на автомобилот откако крадците не успеале да ја реализираат својата цел.

Инцидентот се случил во областа Тракстон Серкл во главниот град на САД, на околу 4 километри растојание од Амбасадата на Македонија во САД. Тракстон Серкл е во центарот на Вашингтон, а станува збор за област во која е безбедно и сигурно во текот на денот, додека во ноќните часови не се препорачува пешачење низ населбата поради голем број на бездомници и агресивни питачи. Квартот каде живеел службеник од македонската амбасада е опишан и како едно од најдобрите места за живеење на млади професионалци во Вашингтон.

Back to top button
Close