САД: Ова е пресвртен момент за европскиот пат на РСМ
Северна Македонија со зрелите политики и мудрите лидерски одлуки стана членка на НАТО и сега е пред пресвртен момент да обезбеди европски квалитет на живот каков што заслужуваат македонските граѓани, функционална имплементација на владеењето на правото и унапредување на правната институционална рамка во рамките на процесот на преговори со ЕУ. Ова биле констатирано на вчерашната билатерална средба на помошникот-државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан со премиерот Димитар Ковачевски и дел од владиниот тим – вицепремиерите Артан Груби, Фатмир Битиќи, Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и заменичката-министерка за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ.
„Заедничкиот заклучок од средбата беше дека е неопходно сите политички лидери и субјекти во државата да ја имаат предвид важноста Северна Македонија да продолжи со следниот чекор на патот кон ЕУ, што ќе ги осигура европските перспективи на државата. Тоа е чекор што се очекува од Северна Македонија како придонес во демократскиот прогрес и перспективите на целиот Западен Балкан и во прилог на стабилноста и безбедноста на европскиот континент“, се наведува во соопштението од Владата по средбата.
Претходно О’Брајан и Ковачевски имале тет-а-тет средба, на која, како што објави амриканската амбасада, помошникот-државен секретар на САД ја истакнал силната поддршка на САД и важноста за земјата и регионот од пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ.
О’Брајан вчера истата порака ја упатил и до најголемата опозициска партија. Тој вчера имаше обраќање на 30-тиот Министерски совет на ОБСЕ, а престојот во Скопје тој го искористи и за средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на која присуствувале и потпретседателите. Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски. Како што објави американската амбасада на Фејсбук, на средбата со Мицкоски „помошникот-државен секретар на САД О’Брајан ја истакнал силната поддршка на Соединетите Држави за патот на Северна Македонија кон членство во ЕУ и важната улога што треба да ја имаат сите политички партии во земјата во поддршка на овој процес“.
Во соопштението на опозициската партија се наведува дека соговорниците ги потврдиле добрите односи и потребата за ползување на придобивките од стратешкото партнерство на САД со Македонија.
„Воедно Мицкоски истакна дека стратешки интерес на Македонија освен членството во Европската Унија е и заштита на националните и идентитетски обележја на македонскиот народ и Македонија. Од страна на Мицкоски беше афирмирана потребата за сериозна борба против корупцијата и криминалот како голем проблем на граѓаните, и неопходноста од системски реформи кои ќе го подобрат стандардот на државата. Соговорниците се осврнаа на повеќе прашања од регионално значење како и идните политики во однос на тие теми и области“, се вели во партиското соопштение.
Околу интеграцискиот пат на Македонија во ЕУ, Мицкоски вчера разговарал и на средба со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
„Македонија е предолго надвор од ЕУ, меѓудругото и поради неразумни билатерални пречки со што сериозно се разнишува и кредибилноста на самиот интегрирачки процес и со право се зголемува чувството за двојни аршини кога станува збор за стратешките евроинтегративни процеси. Македонија со сите свои недостатоци во поглед на реформи и политики, сепак, споредено со други држави кои веќе се членки на Европската Унија, заслужува напредок кон остварување на оваа неспорна стратешка цел членство во Европската Унија“, посочил Мицкоски.
Во соопштението се наведува дека се разговарало и за предизвиците со кои се соочуваат граѓаните на Македонија, како што се економската криза, растечката сиромаштија, скапите цени и инфлацијата како и недостатокот на инвестиции и реформи.
О’Брајан: Има понуда, треба да ја земете
За разлика од кусите соопштенија за испратените пораки од средбите, О’Брајан во интервју за „360 степени“ поопширно се осврнува на важноста земјата да ги продолжи преговорите и да стане членка на ЕУ.
„Има понуда на масата, треба да ја земете. Ако не ја земете, и` вртите грб на историјата, искрено. Тој пат може да изгледа задоволувачки, но тоа ќе ја чини вашата економија, ќе причини повеќе луѓе да сакаат да ја напуштат земјата и, генерално, ќе ја уназади земјата. Она што ми се допадна во земјата кога првпат дојдов пред речиси 30 години е колку сите беа нестрпливи да бидат дел од овој поголем проект наречен ЕУ. Ги охрабрувам сите политички лидери да ја земат оваа можност.“. вели тој.
Неговата порака доаѓа во период кога е извесно дека парламентот нема мнозинство да ги усвои уставните измени, а партиите се фокусирани на претстојната средба на која треба да се прецизира датумот за избори.
„Се движите кон изборен период. Знаеме дека сѐ е тешко во таков период. Нема да коментирам дали работите ќе се случат сега или подоцна, но јасно е дека има понуда на маса. Некој може да каже дека ќе дојде со подобра понуда. Но, ако не ви каже за што точно станува збор и не ви каже зошто другите би ја прифатиле, само се обидува да ве измами. И се надевам дека гласачите се попаметни од тоа“, вели тој во интервјуто за „360 степени“.
Прашан за негов став – дали има шанса за интервенции во Преговарачката рамка на ЕУ или дека некој може да донесе подобра понуда, смета дека тоа не е можно.
„Јас мислам… Не. Видете, има понуда на маса. И ако сакате да знаете за некого кој е, и како ќе постапува кога ќе биде на власт, видете како ќе реагира на таа понуда. Ако тие велат, на многу јасен начин, еве ја алтернативата и верувам дека таа е прифатлива за другите, тогаш можете да процените дали се во право или не. Ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ти кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил. Па, мислам и дека не би требало да гласате за нив, исто така. Но, тоа е избор кој го прават гласачите овде. Јас не гласам овде. Луѓето може да изберат што сакаат“, изјави помошникот-државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.(dw)