“Анти-библиотеката” на Умберто Еко

Кога размислуваме дали да си купиме нова книга, дел од нас се прашуваат дали навистина ќе ја прочитаме. Но, тука може да има и дополнителни аргументи кои треба да се земат предвид – како што е интелектуалната вредност на непрочитаната книга.

Во нашите лични библиотеки, повеќето чуваме неколку омилени наслови на кои повторно и повторно им се враќаме. Но, каква би била вредноста на збирката книги ако се состои само од насловите што сме ги прочитале? Ова прашање го поставува писателот Умерто Еко кој поседувал лична библиотека од 30.000 книги – од кои добар дел, слободно може да се заклучи, не стигнал да ги прочита.

Еко своите посетители ги делел во две категории: оние кои реагирале со воскликот „Леле професоре, каква библиотека имате!“ Колку од овие книги имате прочитано?“ и оние другите – кои биле далеку помалку – кои ја разбираат поентата во тоа да се има приватна библиотека која не е храна за нивната сопствена суета, туку постојан процес на лично истражување.

Затоа, личната библиотека би требало да го содржи не само она што веќе сме го прочитале, туку многу повеќе, она што сè уште не го знаеме. „И навистина, колку повеќе знам, толку се поголеми редовите на непрочитани книги” велел тој.

Да ја наречеме оваа збирка на непрочитани книги – ‘антибиблиотека’“. Овој термин доаѓа од „Црниот лебед“ на Талеб, книга за човечката тенденција – на која Еко и пркоси – да го преценува познатото и да го потцени непознатото.

Вредноста на „анти-библиотеката“ лежи во постојаното преиспитување на нашата себепроценка и постојаното потсетување на сето она кое не го знаеме, пишува Кевин Дикинсон од платформата Big Think.

„Насловите што ги прекриваат ѕидовите на мојот дом ме потсетуваат дека речиси ништо не знам за криптографијата, италијанскиот фолклор, употребата на илегални супстанци во Третиот рајх и што е ентомофагија” вели Кевин Мимс од Њујорк Тајмс кој го поврзува концептот на „анти-библиотека“ со јапонски термин „цундоку“, кој ги опишува токму купиштата непрочитани книги што ги чуваме во нашите домови

Нема ништо лошо во тоа, и нема потреба непрочитаните книги да ни предизвикуваат чувство на несоодветност, нервоза и срам, напротив – антибиблиотеката ги негува карактеристиките на личноста како што се интелектуалната скромност, љубопитност, отвореност… и прифаќање на „нецелосноста“ и несовршеноста на нашето постоење, што е можеби основната состојка на мирен и исполнет живот

Извор: Белешки од психотерапија

 

Back to top button
Close