Директорот на „Водовод“ во Бор поднесе оставка од морални причини
„Поради убиството на Данка Илиќ (2), директорот на „Водовод“ во Бор – Горан Павиќ поднесе оставка од морални причини“, изјави денеска на прес-конференција градоначалникот на Бор, Александар Милекиќ.
Како што објасни градоначалникот Милекиќ, директорот на „Водовод“ си поднел оставка бидејќи не можел да го поднесе тоа што се случило и му е многу тешко.
Во изјавата дадена за локалните медиуми, Павиќ наведува дека поднесува оставка од морални причини, со оглед дека „постои основано сомнение дека ова грозоморно убиство го извршиле во работно време, во службено возило додека ги извршувале своите работни задачи“.
„Ќе поведам кривична и сите други правни постапки против осомничените, како и против сите други вработени и одговорни лица во компанијата кои со своите пропусти, дејствија или непостапување придонеле осомничените да останат десет дена на слобода“ – рече Павиќ.
Градоначалникот Миликиќ истакна и дека „кога ќе дојде време за тоа“, ќе определи тридневна жалост на територијата на градот Бор.
Градоначалникот најави дека многу тешко ја поднесува ситуацијата во врска со малата Данка Илиќ.
Како што вели, и самиот е татко на двегодишно дете, а тоа го прифатил многу тешко и емотивно. Не се надевал дека вака ќе заврши исходот и до последен момент верувал дека Данка е жива и дека наскоро ќе биде во прегратките на семејството.
Како што рече, треба сите да работиме на емпатија и да не веруваме какви луѓе стануваме и дека е можно некој да направи вакво страшно злосторство.
Телото на малата Данка се уште не е пронајдено, иако деноноќно се трага по терените каде што се сомнева дека телото можеби е некаде.
Сите осомничени за ова монструозно убиство се уапсени и одредена им е мерка притвор.