Уставен суд укина одлука за суспендирање ДУП во Куманово


Уставниот суд денеска ја укина одлуката за суспензијата од примена на Деталниот урбанистички план во дел од урбаната единица „Б.С. Гојчо“ во Куманово, донесен на 6 јуни 2023 година на седница на Советот на општината. Уставниот суд, како што се наведува во денешното соопштение, оценил дека има отстапки во постапката за донесување на оспорената одлука. Судот, како што наведуваат, оценил дека одлуката е донесена во спротивност со член 23 став 6 од Законот за урбанистичко планирање.

Уставниот суд, додаваат оттаму, оцени дека има отстапки во постапката за донесување на оспорената одлука, кои претставуваат повреда на начелото на владеењето на правото, предвидено со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Како што се наведува во соопштението, согласно Законот, по претходно добиено мислење од министерот за транспорт и врски, барателот на мислењето, Општина Куманово изработува стручен елаборат и во конкретниот случај добиеното мислење не е во насока за донесување на оспорената одлука за суспензија, бидејќи Општината не успеала преку стручниот елаборат за суспензија да докаже постоење на штета по јавниот интерес.

„Конкретно, во мислењето од надлежниот министер за транспорт и врски се наведува дека стручниот елаборат на општината не содржи конкретни податоци со кои се докажува несомнена штета по јавниот интерес, која е воочена во текот на спроведување на планот. Урбанистичкиот план кој е суспендиран со оспорената одлука на Општината, е донесен на 28 декември 2021 година“,
информираат од Уставниот суд.
Подносители на иницијативата, велат од Уставен, се кумановските градежни компании „УПМ-ГРУП“ и „ХРОМАК Емил“.

Back to top button
Close