Фестивалот „Прво па женско“ почнува со претставата „Свет без жени“

Со претставата „Свет без жени“, на Академската сцена на Факултетот за драмски уметности вечер почнува дванаесеттото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“.

Како што информираат од Тиииит! Инк., по изведбата на претставата, во рамки на дискурзивната платформа на Локомотива и Тиииит! Инк. – „Дијалогот што недостасува“, ќе следува разговор со авторките модериран од Калиа Димитрова од феминистичката платформа „Медуза“.

Претставата „Свет без жени“ на авторките Олга Димитријевиќ и Маја Пелевиќ ја освои наградата од публиката на Фестивалот „Битеф“ во 2022 година.

-Жените и работата – тоа е главниот мотив на проектот „Свет без жени“. Авторките тргнуваат од истражувањето за структурните нееднаквости во театарот во Србија: родова нееднаквост, нееднаквост во плати, нормализирано насилство, репродукција на патријархални капиталистички матрици. Истражувањето ги отвора прашањата: кој има право на работа, под кои услови и колку треба да биде/ат платен/а/и? Претставата ги пропрашува размерите на ангажираната уметност денес и љубовта (кон уметноста) како најподмолен извор на социјална репресија, соопштија организаторите на фестивалот.

Претставата ќе биде изведена како соработка меѓу Центарот за иновација во уметноста и културата „Локомотива“ и организацијата за промоција на женската активност „Тиииит! Инк.“ и нивните фестивали Перформанс платформа фестивал и „Прво па женско #12“.

Back to top button
Close