ГАЛЕРИЈА: Најубавите градини во Европа

Ништо не го надминува уживањето во природата и прекрасната архитектура низ европските градови.

Доколку патувате низ Европа, а сакате да искусите прекрасно природно и зелено опкружување, но и да ги видите различните културни и уметнички влијанија, посетете некоја од овие 10 градини, кои ги издвоивме за едни од најубавите на европскиот континент.

 

Самостанот Кајлемор (Ирска)

Сред планините и шумите на Конемара, самостанот Кајлемор е опкружен со градини во викторијански стил, чии патеки им нудат на посетителите многу видови цвеќиња, оранжерии, бавча со зеленчук и овоштарник.

 

Градините Кеукенхоф (Холандија)

Известување до љубителите на цвеќиња: цветниот парк Кеукенхоф, помеѓу Амстердам и Хаг, има 7 милиони лалиња од сите бои чии булки се отвораат на пролет.

Една од најубавите градини на континентот!

 

Градината во Версајската палата (Франција)

Модел на француска градина, терените на Версајската палата беа дизајнирани од Ле Нотр за време на владеењето на Луј XIV.

Ова ремек-дело на класичната естетика има повеќе од 800 хектари совршено прави патеки, статуи и езерца, а да не ги спомнуваме големиот канал и оранжеријата.

 

Градината на Клод Моне (Франција)

Мајсторот на импресионистичкото сликарство работел во Живерни, недалеку од Париз, во имот чија градина нуди извонреден романтичен, цветен и колоритен пејзаж.

Една од најубавите градини во Франција!

 

Градините на Исола Бела (Италија)

На малиот остров Исола Бела, лоциран на средината на езерото Маџоре во северот на зтемјата, градините на палатата Боромео откриваат во барокна инспирација неколку тераси, балустради и скали.

Во средината сето ова, мирно шетаат пауни. Идеалната дестинација за екскурзија!

 

Градините Алказар (Шпанија)

Во Севиља, градините Алказар комбинираат различни влијанија: арапско-андалузиско, ренесансно и помодерни елементи.

По прошетката под портокалови дрвја и палми, не заборавајте да му се восхитувате на погледот на сите градини од езерцето Меркур.

 

Ла Консепсион (Шпанија)

Исто така во Андалузија, во Малага, имотот Консепсион зафаќа 23 хектари.

Овој тропски и суптропски парк ви овозможува да се восхитувате на повеќе од 25.000 видови растенија и дрвја од целиот свет, среде фонтани и водопади кои додаваат романтична атмосфера на местото.

 

Островот Мајнау (Германија)

Наречен „Островот на цвеќињата“, островот Мајнау се наоѓа во средината на езерото Констанц во јужна Германија.

Во него се наоѓа прекрасна градина чии растителни видови се обновуваат неколку пати годишно. Арборетумот, во кој има бука, смокви и кедри од Либан, исто така вреди да се посети.

 

Градината на палатата Монсерат (Португалија)

Ако поминувате низ Синтра, западно од Лисабон, не пропуштајте ја англиската градина на палатата Монсерат со нејзините егзотични тропски влијанија: помеѓу водопадите и басените, ќе видите палми, егзотични птици и јагодник (арбутус)…

 

Градината на палатата Шонбрун (Австрија)

Ова е едно од местата кои мора да ги посетите ако патувате во Виена: палатата Шонбрун, каде живеела фамилијата на австро-унгарскиот император, со огромната градина и совршено уредените патеки.

Виенската атмосфера е секогаш присутна во овој прекрасен зелен амбиент.

Извор: MSN

Превод: Марта Стевковска

Back to top button
Close