Ковачевски стана член на меѓународна тинк-тенк организација која сака да го менува образованието


Глобалната тинк-тенк организација COSCU, чие седиште е во Хаг, Холандија, соопшти дека поранешниот премиер Димитар Ковачевски станал член на организацијата.

„Со задоволство соопштуваме дека Димитар Ковачевски, поранешен премиер на Северна Македонија, се приклучи на COSCU (Конфедерација на училишта, колеџи и универзитети), како член на Регионалниот советодавен одбор за Европа. Господинот Ковачевски носи богата експертиза и истакнат учинок во јавната служба служејќи како премиер на Република Северна Македонија од јануари 2022 до јануари 2024 година“,пишува во соопштението на COSCU.

Истакнувајќи ги квалитетите на Ковачевски, од организацијата посочуваат дека за време на владеењето, тој ја водел државата кон значителни достигнувања, меѓу кои иницијативата за отпочнување на преговорите за пристапување во ЕУ, како и дека имплементирал клучни економски реформи кои ја поткрепиле отпорноста на државата во време на глобална криза.

„Големото искуство на господинот Ковачевски во образовниот сектор перфектно се вклопува со мисијата на COSCU за забрзан раст на образовната индустрија. Како доктор по економија и професор по бизнис економија и менаџмент на Универзитетот ’Американ колеџ’ Скопје, тој покажа непоколеблива посветеност за академска извонредност. Неговите многубројни придонеси за науката во полето на економијата и менаџментот дополнително ја нагласија неговата посветеност за унапредување на знаењето и иновациите“,

се вели, меѓу другото, во соопштението.
COSCU се претставува како организација посветена на креирањето политики, образовна дипломатија и агенди за геоедукација.

„Преку нашите основни приципи на ангажираност, раст и прифаќање, ние се стремиме кон прифаќање на родовата еднаквост, еднаквите можности и поддршка за општеството. Експертизата на господинот Ковачевски и лидерството без сомнение ќе ги зајакнат нашите напори, особено иницијативите во нашиот тинк-тенк насочени кон обликување образовни политики и негување на меѓународната соработка. Со нетрпение ги очекуваме неговиот непроценлив придонес како што се стремиме кон ангажираност, раст и прифаќање на иднината на образованието“,стои во соопштението.
Во организацијата COSCU се посветени на обликување на иднината на образованието глобално.

„Ние ги поврзуваме образовните институции, корпоративните ентитети, претприемачите и инвеститорите од целиот свет заради позитивна промена и трансформација на образованието. Нашата мисија е да ги охрабриме луѓето и институциите да просперираат и да имаат значително влијание врз општеството преку квалитетно образование и шанси за стекнување знаења“,стои во полето „Нашата мисија“ на официјалната веб-страница на оваа тинк-тенк организација.
Како носител на листата на СДСМ и коалицијата во изборната единица 1 на единаесеттите парламентарни избори одржани на 8 мај, Димитар Ковачевски стана пратеник во македонското Собрание, но тоа, според она што го пишува во Изборниот законик, не го спречува да биде член на одбор на организацијата COSCU.

Согласно Изборниот законик, член 8, функцијата пратеник е неспојлива со функцијата претседател на државата, претседател на Владата, министер, судија на Уставниот суд, судија, јавен обвинител, Народен правобранител и со други носители на функции кои ги избира или именува Собранието и Владата на Република Северна Македонија.

Функцијата пратеник е неспојлива и со: функцијата градоначалник и член на совет во општината и Градот Скопје; извршување на стручни и управни работи во органите на државната управа; извршување на стопанска или друга профитна дејност; членување во управни одбори на јавни претпријатија, јавни установи, фондови, агенции, заводи и во други правни лица, како и со изборот на претставник на државниот и општествен капитал во трговските друштва.

Back to top button
Close